Погледнете го видеото каде е објаснето повеќе за проектот, што опфаќа услугата за собирање амбалажен отпад, и видете како тоа се одвива во првата зграда која се приклучи на иницијативата #Селектирам.

Подолу се одговори на најчестите прашања кои ни пристигнаа во пријавата и на мејлот info@selektiram.mk

1.Дали треба согласности од сите станари?
Потребно е да потпишеме договор со куќниот совет или заедницата на станари. Во договорот пишува дека треба сите станари да се информирани, а внатрешниот начин на комуникација зависи од вас.
2. Не сум сигурен дека моите комшии ќе ја прифатат услугата? Како да ги убедам?

Најпрвин може да им покажете како тоа функционира во една зграда на ул. Антон Попов. Информации има во видеото погоре, како и тука. Потоа, пополнете ја пријавата со ваш контакт, ние ќе ви испратиме промотивен материјал заедно со Договорот што треба да се потпише со куќниот совет. Споделете ги информациите со комшиите, па доколку се решите ќе стапиме во контакт со претставник од куќниот совет за да започне услугата.

3. Што се селектира?
Започнуваме со пластика и хартија. Ќе биде специфирано во инструкциите кои типови пластика (ПЕТ 1, 2, 4 и 5) и што значи хартија (картон, не мрсна хартија итн.)
4. Дали може надвор да се постават кантите?
Во принцип не. Ако се постават кантите надвор тогаш се на јавна површина, и може да дојде до оштетување, земање од други собирачи и слично. Исто така, кантите надвор значи дека се на јавна површина, а тоа значи дека јавното комунално претпријатие е одговорно за отпадот поставен на јавните површини. Принципот е кантите (картонски кутии) да бидат што поблиску до станарите за олеснување на процесот. Може да бидат на спратовите или меѓу спратовите, во подрум или внатрешни гаражи или евентуално во влезот на зградата, зависно со колкав заеднички внатрешен простор располага зградата.
5. Колку пати ќе се собира отпадот?
Ако има потреба и секој ден. Тоа зависи од бројот на станари и количината која ја создаваат. Со тек на време ќе се најде динамиката на полнење во вашата зграда и ќе биде одлучен циклусот. На почетокот е врз база на комуникација со контакт лицето, односно информација доставена до нас дека е потребно собирање. Тоа е наведено и во договорот.
6. Дали може и во куќи?
Во прва фаза опфаќаме само згради. Куќите ќе се разгледаат како можност при оптимизација на траснпорт во првата фаза (ако измеѓу зградите има куќи, па да се опфатат и тие). Но во суштина, одиме прва фаза згради, втора фаза куќи, трета фаза фирми.
7. Кога ќе се прошири услугата во другите градови?
Се надеваме до крај на годината да имаме искуство од Град Скопје кое ќе може да го пренеме и во другите градови на почетокот на следната година. Успехот и динамиката ќе зависи од сите страни, па се надеваме ќе „растеме заедно“ побрзо 🙂
За сите информации, може да не контактирате на Info@selektiram.mk
Благодарност до Македонската национална телевизија за прилогот.
***
Проектот „Растеме заедно“ е поддржан од Владата на Република Северна Македонија.