Во рамките на проектот Гоу Клин во месец Март оваа година се одржаа 4 семинари (Прилеп, Кичево, Штип и Скопје) за средношколци како дел од едукативната кампања на проектот Гоу Клин.
Целта на семинарите беше младите да ја разберат потребата од одржливиот развој и заштитата на животната средина, да бидат мотивирани и свесни дека секој човек може да направи разлика и промена во општеството и младите да аплицираат за тим лидери и ги предводат училиштата и општините во натпреварот за собирање на отпадни батерии.
Едукативната кампања започна со семинарот во Прилеп, на кој присуствуваа средношколци од 5-те средни училишта од градот. Потоа следуваа семинарите во Кичево и во Штип. Заинтересираноста во овие градови беше на високо ниво, а средношколците и некои професори задоволно и со восхит го поздравија истиот. Последниот настан од циклусот на семинари се одржа во Скопје и ги опфати средношколците од четирите општини (Центар, Кисела Вода, Карпош и Ѓорче Петров) кои се вклучени во проектот Гоу Клин. Преполна предавална, насмеани лица и енергични предавачи го одсликаа крајот на првиот циклус на едукативната кампања.
На семинарите беа разработени следниве теми: Климатски промени, Зелена економија, Еколошка демократија и Управување со отпад. На сесиите за климатски промени беа фокусирани проблемите со кој се соочува нашата планета и како можеме да влијаеме со промена на нашите секојдневни навики.
На предавањата за зелена економија се опфати концептот на одржлив развој и влијанието на потрошувачкото општество на животната средина.
Целта на сесиите за еколошка демократија беше свесноста на младите за нивното право и можностите на вклученост во донесување на одлуки со цел за заштита на животната средина.
На сесиите за управување со отпад преку конкретни примери се изучуваа постапките за соодветен третман на отпадот. На крај, се објасни проектот Гоу клин и следните чекори кои произлегуваат од него.
Следна едукативна активност е ЛИДЕРСКИОТ КАМП. Избраните тим-лидери од сите општини имаат можност да учествуваат на лидерскиот камп кој ќе се одржи од 11 до 13 април во Хотел Десарет , Охрид. Кампот ги соединува младите од Скопје, Прилеп, Кичево и Штип и има за цел да ги обучи младите за активностите кои претстојат и да изработат план и временска рамка за кампањата за собирање на батерии. Имено, на лидерскиот камп темите се поврзани со лидерство, работа и оформување на тим, јавно говорење, креативно размислување, проектен менаџмент и се она што нив би им помогнало за успешно реализирање на активностите на проектот.
По враќањето од кампот младите започнуваат со работа во тимови и организирање на настани преку кои би ја оствариле целта на проектот и би ја предводеле својата општина кон победа во натпреварот за собирање на отпадни батерии. Партнер на проектот кој ќе се погрижи за соодветно преземање и складирање на отпадните батерии е друштвото за отпад “Нула Отпад ДОО”.