Оваа статија се осврнува на климатската и еколошката криза, како и на транзицијата што треба да ја направиме кон праведно, инклузивно и еколошки одржливо општество. Се зборува за моменталниот економски модел и неговата мантра на постојан раст. Понатаму, се разгледува енергетската транзиција и преминот кон циркуларна економија, индустриите со најголем пад и оние со најголем раст на работните места.

„Да (ти се погоди да) живееш во интересни времиња (May you live in interesting times)  вели една кинеска поговорка. Ова нам дефинитивно ни се случува. Актуелната пандемија на Ковид-19 ги опфати сите земји, а нејзиното влијанието ќе биде присутно и по надминување на кризата. Додека се соочуваме со глобална пандемија, економската рецесија е на повидок, додека најсериозната закана со која се соочува човештвото се всушност климатските промени и еколошкиот колапс. Сликата подолу ја опишува ситуацијата со која се соочуваме.

Бесконечен раст во ограничена Планета

Човекот веќе одамна го надмина прагот на искористување на природните ресурси на годишно ниво. Earth Overshoot Day го одбележува датумот кога годишната побарувачка на природни ресурси ја надминува границата за регенерација на екосистемите  во истата година. Еколошкиот дефицит прв пат се забележа во раните седумдесетти години од минатиот век. Трошејќи го нашиот природен капитал, го загрозуваме идниот регенеративен капацитет на планетата. На годишно ниво човекот моментално искористува 1,75 Земји.

Нашиот економски модел е неодржлив. Со децении општествата и политичарите целат кон економскиот раст,а тој е директно поврзан со емитирање стакленички гасови и деградација на животната средина. Методот со кој се мери економскиот раст е бруто домашниот производ (БДП) што претставува ригидна мерка за напредок. Кога ќе исечеме шума, БДП расте. Обесшумувањето е една од главните причини за климатските промени и е во директен конфликт со раст на БДП. Кога ќе ископаме планина за да извадиме јаглен, БДП расте. Кога има природна непогода и болниците ќе се наполнат со пациенти, БДП расте. БДП како мерка, едноставно ги игнорира штетите врз животната средина и социјалната еднаквост со што ја забрзува климатската и еколошката криза и ја зголемува социјалната нееднаквост.

Јасно е дека ни треба економски модел кој води кон хармонија меѓу човекот и планетата Земја. За да постигнеме одржливост, треба да го преиспитаме економскиот модел и да ја замениме сегашната тенденција за непрекинат економски раст. Можеби е време за одраст (degrowth)[1], идеја од 1972 година, истата година кога Клубот на Рим (Club of Rome) го објави „Ограничувања за раст“ (Limits to growth). Постојат и политичари кои почнуваат да го гледаат тоа и преземаат конкретни активности, како што е „буџетот за благосостојба“ на Нов Зеланд. За премиерката Џесинда Ардерн, целта на владата не е да обезбеди богатство или економски раст, туку здравје и благосостојба за граѓаните. А тоа не може да се обезбеди со БДП, бидејќи не гарантира подобрување на нашиот животен стандард и не зема предвид кој има корист и кој е изоставен “[2].

Која е поврзаноста на животната средина со работните места?

Околу 1,2 милијарди работни места или 40% од вкупното вработување во светот зависи директно од услугите на екосистемот[3]. Климатските промени и другите форми на деградација на животната средина ја загрозуваат економска активност и сите работни места. Остварувањето на одржливоста на животната средина е исто така прашање на социјална правда, бидејќи најранливите категории на луѓе во светот – мигрантите, младите, лицата со посебни потреби, лицата во сиромаштија, домородните и племенските народи и другите ранливи групи – се особено изложени на ризиците и штетите од деградација на животната средина, и покрај тоа што тие најмалку придонесуваат за истото. Оттука се наметнува прашањето: дали работното место што ја деградира околината и им штети на другите работнички права може да се смета за пристојна работа? Можеме ли да ги сметаме работните места во загадувачките индустрии како пристојни, иако го загрозуваат животот на милиони луѓе?

За решавање на деградацијата на животната средина и климатските промени, земјите мора да се заложат за климатска неутралност т.е. нулта емисии на јаглерод диоксид на глобално ниво до 2050 година. До 2050 година светот треба да биде климатски (јаглеродно) неутрален. Ова е потврдено од научната заедница и извештаите на IPCC[4], а политички се усвои со Парискиот договор од 2015 година. Долгорочната цел на Парискиот договор е да се задржи зголемувањето на просечната глобална температура на помалку од 2°C (1,5 ° C за крајбрежните и малите островски земји) во споредба со прединдустриското ниво. Ако Планетата се загрее над 2 ° C, ќе се случат неповратни и непредвидливи природни катастрофи кои човекот нема да може да ги контролира. Веќе достигнавме 1°C и ако продолжиме со „работењето како и обично“, ние ќе надминеме 2°С во 2040 година. За да го стабилизираме глобалното затоплување, треба да престанеме да гориме фосилни горива (јаглен, нафта, гас) и да ги сечеме шумите.

Транзицијата од фосилните горива и градењето еколошки општества,  ќе предизвика загуба на работни места во одредени сектори зависни од јаглерод и интензивно искористување на природни ресурси. Но, се појавуваат нови можности во „позелените“ сектори, особено во секторите на обновлива енергија и ефикасно искористување на ресурсите. Овој процес на „зазеленување“ на економијата во суштина има социо-економски системи што му овозможуваат на општеството да живее добро во рамките на еколошките граници. Исто така, една од најважните улоги на „зазеленување“ на економиите (покрај намалувањето на емисиите на стакленички гасови, заштита и подобрување на животната средина), е да се придонесе за социјална еднаквост и да се обезбеди праведна транзиција за работниците вклучени во т.н. загадувачки индустрии, односно да им се овозможат пристојни можности за работа и приход.

Еден пример за зазеленување на економијата што истовремено ја штити животната средина и придонесува за социјална еднаквост е децентрализацијата на енергетскиот систем. Кога ќе ги замениме електраните што работат на јаглен со соларни панели, односно соларна енергија, политиките можат да одат во различни правци. На пример, една голема корпорација да склучи договор со Владата и да инвестира во соларни централи за да ја замени енергијата што претходно ја обезбедуваше јагленот. Во овој случај имаме вработувања, но профитот и управувањето остануваат во рацете на малкумина и најверојатно  во странски банки. Друго сценарио би било да енергетскиот систем се либерализира и децентрализира, со што ќе им се овозможи на граѓаните, училиштата, микро и малите претпријатија да произведуваат соларна енергија со инсталирање на соларни панели на нивните покриви, дворови или други достапни простори. Тие можат да ја користат произведената енергија за сопствени потреби и / или да ја продадат на пазарот на електрична енергија и да добијат приход / заработка. Во овој случај, граѓаните и малите претпријатија имаат корист од енергетскиот систем, приходите остануваат во државата и се распределени меѓу другите граѓани. Ова сценарио е вистинскиот процес на „зазеленување“ на економиите.

Зелените работни места исто така имаат социјален елемент, бидејќи секоја работа што помага да се зачува животната средина треба да биде висококвалитетна работа или според зборовите на Меѓународната организација на труд- да биде пристојна. Пристојните работни места се продуктивни и остваруваат фер приход, обезбедуваат сигурност на работното место и социјална заштита за работниците и нивните семејства, нудат можности за личен развој и ја охрабрува социјалната интеграција, им даваат можност на луѓето да ги искажат своите грижи, да се организираат и да учествуваат во одлуките што ги засегаат, гарантираат еднакви можности и еднаков третман за сите.

Чиста и циркуларна економија значи и повеќе работни места

Во процесот на транзиција од фосилни горива кон обновливи извори на енергија, Меѓународната агенција за енергетика  создаде сценарио од 2°С, а Меѓународната организација на трудот тоа го проектираше со работни места во енергетските сектори. Наодите покажаа дека транзицијата од „валкана“ до „чиста“ енергија ќе забележи нето пораст од приближно 18 милиони работни места ширум светот до 2030 година. Новите вработувања ќе бидат резултат на зголемената побарувачка на обновливи извори на енергија, како и поради целиот синџир на набавка за системите за производство на струја од ОИЕ, електрични возила и градежништво. Табелата подолу ги прикажува индустриите кои ќе доживеат најголем пад и раст на работни места.

Source: ILO, “Greening with jobs – World Employment and Social Outlook 2018”, Table 2.1, page 44

Освен енергетскиот сектор, и преминот кон циркуларната економија ќе создаде работни места. Секторите кои користат многу ресурси, како што се рударството и производството, исто така ќе претрпат значителни промени на патот кон одржливост. Циркуларната економија како алтернатива, наместо произведи-употреби-фрли, се заснова врз принципот на ефикасност на ресурсите и повторна употреба произведи-употреби-поправи-реупотреби. Еден од принципите е да се намали употребата суровините и наместо тоа, да се потпре на повторна употреба, поправка и рециклирање. Во циркуларната економија, целта е производите да бидат дизајнирани за траат подолго, да може да бидат поправени, повторно искористени или рециклирани.

Сценариото на циркуларната економија за годишно зголемување од 5% на рециклирањето, односно заменување на директното искористување на суровините, дава преглед на вработеноста во табелата подолу. Се предвидуваат повеќе од 6 милиони работни места доколку се усвојат принципи на циркуларната економија, како што се рециклирање и услуги. Табелата подолу ги прикажува секторите кои се најпогодени од преминот кон циркуларна економија.

Source: ILO, “Greening with jobs – World Employment and Social Outlook 2018”, Table 2.4, page 52

Овие сценарија потврдуваат дека процесот на зазеленување на економиите ќе доведе до нови вработувања. Можеме да бидеме среќни поради тоа, бидејќи се работи за повеќе работни места за сите. Но! Постои уште нешто за што треба да бидеме свесни. Автоматизацијата на работата и напредокот на вештачката интелигенција претставува закана за многу работни места, особено стручниот и нискоквалификуваниот кадар. [5]

Во една работа можеме да бидеме сигурни – промената е константна, а дополнително ќе забрза.

Според проекциите на Меѓународната Организација на Труд во табелите, може да се заклучи дека стручниот и нискоквалификуванот кадар ќе имаат најмногу потреба од „зазеленување“. Рециклирањето и индустријата за чиста енергија нема да бидат имуни на овие случувања. Но, темата „Како автоматизацијата и вештачката интелигенција ќе влијаат врз зазеленувањето на економиите и работните места?“ е предмет за друга статија.

Она што е сигурно е промената. Промените ќе бидат побрзи и неочекувани, а со тоа психолошката стабилност ќе биде еден од најсериозните предизвици со кои ќе се соочиме. Замислете да учите, да студирате, да се подготвувате со години за кариера што веќе нема да постои во иднина. Работно место кое не е потребно поради автоматизацијата и револуцијата на вештачката интелигенција, или пак поради географската положба  ранлива на климатските последици. Ќе треба да се оспособиме да можеме ментално да се справиме со овие промени. Способноста да останеме психолошки стабилни, да се откриеме себеси, да ја преиспитаме нашата цел, тоа е потребно како никогаш досега. Справувањето со ваквите предизвици, менталната стабилност и издржливост, веројатно ќе бидат една од најважните карактеристики на 21 век.

 

Напишано од Антонио Јовановски, тренер во базата на обучувачи на Youth@Work Partnership

Оваа статија е превод од блогот на Youth@Work Partnership. Оригиналот на англиски јазик може да го прочитате тука.

 

[1] https://www.degrowth.info/en/what-is-degrowth/

[2] https://www.weforum.org/agenda/2019/05/new-zealand-is-publishing-its-first-well-being-budget/

[3] International Labor Organization, “Greening with jobs – World Employment and Social Outlook 2018”, page 7

[4] Intergovernmental Panel on Climate Change that assess the science related to climate change www.ipcc.ch

[5] Sterling, A. “Millions of jobs have been lost to automatization”, Forbes, June 2019

Напишете коментар