Потребна е економија која ќе ја унапредува животната средина и ќе обезбеди намалување на загадувањето и социјална еднаквост кај граѓаните 

На 24 ноември, еколошката младинска организација Гоу Грин, во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер и Вилфред Мартенс Центарот за Европски Студии, одржа меѓународна конференција на тема „Климатските промени и зелена економија – како да се прилагоди образовниот систем?“. На конференцијата се одржаа четири панел дискусии со еминентни говорници од земјата и Европската Унија.

Темата на првата панел дискусија беше „Климатски промени на Балканот – патот до праведна и правилна транзиција кон нискојаглеродни општества отпорни на климатски промени? “ на кои земаа збор г-ѓа Теодора Г. Обрадовиќ од Министерство за животна средина и просторно планирање од Скопје, Драгана Милеуснич од Мрежата за климатска акција Европа од Брисел, Александра Бујароска од еколошката организација Фронт 21/42 од Скопје и Ана-Мариа Боромиса од Институт за развој и меѓународни односи од Загреб.

Драгана се осврна на заклучоците од последниот самит за климатски промени на Обединетите Нации, во Маракеш, Мароко, таканаречен „Африкански самит“ кој симболично ја потенцира потребата од правда, кон земјите кои најмалку придонеле за климатските промени, а најмногу ги трпат последиците од истите. Драгана посочи дека на Самитот е формирана иницијатива „акција за јавна свест и образование“за имплементација на членот 6 од „Парискиот договор“, и оваа иницијатива ја потенцира потребата за реформи во образованиот систем и преквалификација на кадри, за да се обезбеди праведна транзиција од фосилни горива кон обновливи извори на енергија. Драгана посочи дека според науката, за да не надминеме 2 степени глобално затоплување мора за најмногу 6 години да престане искористувањето на фосилните горива. Таа додаде дека моменталните сценарија на земјите ќе не донесат до 3 степени глобално затоплување, и пораката до сите земји е да ги зголемат своите амбиции и да ги поднесат своите ревидирани планови до 2018-та година, вклучително и земјите од  Балканот. Во целите од земјите на Балканот сеуште се планираат инвестиции во фосилните горива, што е спротивно од глобалните текови и препорача тие финансии да се преалоцираат кон обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност. Малите земји од „форумот на ранливи земји“ кои се најмногу погодени од климатските промени се обврзале на 100% обновливи извори на енергија. „Штом тие можат, можеме и ние“ – заклучи Драгана од „Мрежата за климатска акција Европа“.

Теодора се осврна на политиките кои Р. Македонија  ги креира за придонес кон климатските промени и идните заложби на државата. Таа истакна дека нашата држава има изготвено и поднесено три извештаи за климатските промени и национален придонес кон „Парискиот договор“ кој беше подготвен со широк консултативен процес и вклученост на сите засегнати страни. Целите на државата се да се намалат емисиите на јаглероден диоксид од согорување на фосилни горива за 30%, односно за 36% при повисоко ниво на амбиција, до 2030 година во однос на референтното сценарио. Документите може да ги погледнете на www.klimatskipromeni.mk. Теодора истакна дека придонесот на државата кон „Парискиот договор“ е формиран врз база на останати стратешки документи и постоечки политики на државата и тоа што е значајно е дека мерките до 2030 се со негативни трошоци, и воедно се генерираат нови зелени работни места. Следен предизвик е формирање на механизам за мониторинг на климатските акции, барањата на „Енергетската заедница“ и климатско-енергетскиот пакет 2030 да се вградат и усогласат со останатите секторски политики во државата. Теодора потенцираше дека сите овие истражувања, методологии и изработка на инвентари, се на проектна основа, и недостасува систематски пристап кон образованието за климатски промени, за да се обезбеди знаење и поголема поддршка на политиките за климатски промени и нивна имплементација.

Александра Бујароска, од еколошката организација Фронт 21/42, напомена дека најновата одлука на ЕЛЕМ за ТЕЦ Осломеј за поставување нов котел за согорување на увозен јаглен кој би работел најмалку 30 години е токму спротивното на овие заложби и цели за климатска акција. Додека Европската Унија до 2050 планира целосна декарбонизација на електроенергетскиот сектор, ние во 2030 планираме над 60% од енергијата во Македонија да доаѓа од јаглен. Со оглед на фактот дека енергетските проекти имаат животен век од 20-40 години, со постоечките планови ги осудуваме идните генерации во Македонија да ги плаќаат овие инвестиции со своето здравје, квалитет на живот и пари, истакна Бујароска.

Ана Мариа од Загреб, ја потенцираше важноста од создавање на услови за зелена економија која ја унапредува животната средина и обезбедува социјална правда и пристојни работни места. Ана го истакна недостатокот на јасна дефиниција за зелени работни места и потребата за усвојување на критериуми кои јасно ќе можат да ги идентификуваат и анализираат работните места кои произледуваат од „позеленување“ на економијата. Хрватска има нацрт стратегија за зелена економија, но сеуште не е формално усвоена од Владата. Ана ја потенцираше и улогата на однесувањето кај луѓето и истакна дека тоа не може да биде брзо, туку системот на вредности и образованието игра клучна улога во овој процес.

Панелот заврши со неколку коментари и прашања околу визијата на енергетскиот сектор во Република Македонија и насоката во која треба да се движат инвестициите, во веќе постоечката инфраструкутра и стариот систем кој се базира на јаглен и вода, или во искористување на енергетските потенцијали, како што се сонцето и ветерот. Говорниците со своите завршни коментари ја потенцираа важноста на почитување на законите за животна средина и создавање на економија која ќе ја унапредува животната средина и квалитетот на живот, односно ќе обезбеди чист воздух, вода и почва за сегашните и идни генерации во државата. 

Целосните говори на излагачите и нивните презентации може да ги преземете од следниот линк.