На 12, 14, 17 и 18 март тимот на Гоу Клин одржа состаноци во општините Ѓорче Петров, Кичево, Штип и Кисела Вода, со цел запознавање на јавната администрација со системот за управување со отпадни батерии и вклучување на училиштата во проектот Гоу Клин.
Присутните се информираа за најважните обврски кои произлегуваат од “Законот за батерии и акумулатори”, за едукативните и промотивни активности кои следуваат, функцијата на колективните постапувачи и кантите за отпадни батерии. Присутни на состаноците беа директори, еко-наставници, советници, референти, соработници и инспектори за образование, животна средина и економски развој.
Општините ќе бидат вклучени во натпревар за собирање на батерии и едукативна кампања во училиштата кои ќе започнат на 15 април. Во тек се семинарите за средношколци од кои ќе се изберат тим лидери кои ќе присуствуваат на лидерски камп и ќе ја водат кампањата во училиштата и општината. Едукативната кампања ќе вклучи и списание за учениците и брошура за јавната администрација на тема “Заштеда на енергија со рециклирање на батерии”. Целта е да се развие свеста и потребата кај младите и возрасните за селектирање и оставање на потрошените батерии во специјалните канти кои се поставени во училиштата и други јавни места одредени од општината. Партнер на проектот кој ќе се погрижи за соодветно преземање и складирање на отпадните батерии е друштвото за отпад “Нула Отпад ДОО”.
Во следниот период се очекува да се реализираат состаноците и во општините Центар, Карпош и Прилеп кои се исто така дел од проектот Гоу Клин. За најнови информации и фотографии од настаните може да не следите на Фејсбук страната Go Clean.
Проектот е овозможен од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград.