Од 11ти до 13ти април во хотел Десарет, Охрид се одржа камп за лидерство како дел од проектот Гоу Клин. Кампот ги соединува средношколците кои се избрани како тим лидери кои ќе ја водат кампањата во седумте општини. (Кисела Вода, Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Кичево, Прилеп и Штип).

Целта на кампот беше младите лидери да се запознаат, да излезат од нивната комфорт зона, да го разберат концептот на лидерство, да дебатираат и да изработат акциони планови за понатамошниот тек на проектот. Младите имаа можност да бидат дел од интерактивни предавања, да работат во тимови и да се придобијат со организаторски и индивидуални вештини кои ќе им служат за успешно остварување на целите на нивните тимови, а воедно и на проектот Гоу Клин. Учесниците беа поделени во тимови, кои ќе ја спроведуваат едукативно промотивната кампања во своите општини.



Кампањата е во вид на натпревар помеѓу тимовите, училиштата и општините. Индикатори за успешност се: собрани отпадни батерии изразено во килограми, перформанс на лидерските тимови и медиумска покриеност на настаните.
Победник на натпреварот е општината која ќе собере најголемо количество на отпадни батерии од училиштата. Тимовите се евалуираат врз база на резултатите, број на активности, опсег на учесници и карактеристиките кои ги поседува тимот. Гоу Грин ги стимулира и развива следниве карактеристики кај младите: интегритет, храброст, иновативност, емоционална интелегенција и општествена одговорност. Натпреварот за собирање на батерии трае до 15ти октомври 2014.



Секој тим ќе има за цел да ги едуцира младите во својата општина, да ги поттикне граѓаните на одговорно однесување и да собере што поголем број на отпадни батерии. Партнер на проектот кој се грижи за соодветно преземање и складирање на отпадните батерии е друштвото за отпад “Нула Отпад ДОО”.