МЕРКИТЕ ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ ВО УЧИЛИШТАТА КАКО ДЕЛ ОД ОПШТИНСКИТЕ ПРОГРАМИ

На 9 јуни се одржа интернет конференција на тема „Енергетски ефикасни училишта“ на која присуствуваа 77 учесници, претставници на училишта и општини од цела Македонија. Целта на конференцијата беше да се информираат училиштата за можностите и предизвиците при имплементација на мерки за енергетска ефикасност, како и да се поттикнат да се вклучат поактивно во процесот на зголемување на енергетската ефикасност.

Говорниците од Агенцијата за енергетика, директорот Нехри Емрула, Панче Атанасовски и Дарко Ангелков се осврнаа на законската регулатива и правилниците со кои се дефинира енергетската ефикасност, како и обврските на општините кои треба да ги исполнат. Претставниците од Агенцијата потенцираа дека една од главните обврски на општините е да ги изготват тригодишни програми за енергетска ефикасност и да ги достават до Агенцијата. Програмите за енергетска ефикасност се и клучни документи во кои и училиштата треба да се инкорпорирани за да понатаму можат да развијат конкретни проекти и да се пристапи до барање финансии за имплементација на програмата за енергетска ефикасност.

Љупчо Димов, раководител на секторот енергетска ефикасност од општината Карпош, се осврна на чекорите кои се неопходни да се преземат за општината и училиштата успешно да најдат финансии и имплементираат мерки за енергетска ефикасност:

  1. Првиот чекот е енергетската контрола што секое училиште треба да ја направи. Енергетската контрола опфаќа проценка на состојбата на кровови, фасади, прозори, трансмисиски загуби, потреби за енергија за греење, анализа на потрешена енергија во изминтатите три години, внатрешно осветлување итн.
  2. Вториот чекор е донесување на стратешки и плански документи во општината, каде врз база на енергетската контрола ќе има конкретни мерки и вредности за точно планирање на средствата потребни за реализација, заштеди и време на повраток на инвестицијата.
  3. Третиот чекор е затворање на финансиската конструкција за реализацијата на мерките на енергетска ефикасност, каде општината мора да избуџетира сопствено учество.
  4. И четвртиот чекор е следење на ефектите од реализираните мерки. На крајот, г-дин Димов истакна дека во периодот од 2007 до 2014 година успешно се имплементирани мерки за енергетска ефикасност во сите 10 училишта во општината Карпош следејќи ги овие чекори.

Здравко Стефановски, сениор експерт за енергетска ефикасност и ЕСКО компании, на почетокот истакна дека е многу важен систематскиот и консолидиран проток на информации и улогата на ЗЕЛС во организацијата на општините. Г-дин Стефановски направи осврт на улогата на ЕСКО компаниите и поддршката која тие можат да ја обезбедат за училиштата (и општините) за да пристапат кон имплементација на мерки за енергетска ефикасност. ЕСКО компаниите можат да обезбедат целосна поддршка во сите чекори кои г-динот Димов ги истакна погоре, како дел од договор за енергетски.

Целосната видео конференција може да ја погледете тука.

Оваа активност беше дел од проектот поддржан од Хајнрик Болл Штифтунг во Сараево.