Денес во Францускиот институт во Скопје, Амбасадата на Франција, невладината организација Гоу Грин Скопје и Сојузот на извидници на Македонија организираа средба со организаторот на “Конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации (ОН)” за 2015 година во Париз и го најавија проектот со наслов “Младите за пониски емисии на јаглерод диоксид”.
Конференцијата за климатски промени на ОН претставува најголемиот собир на државници од целиот свет во борбата против климатски промени. Конференцијата во Париз во 2015 се очекува да биде клучен настан за потпишување на договор со кој ќе се обврзат индустриските земји да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид и да обезбедат инвестиции за помош на помалите и посиромашни земји.
Проектот “Младите за пониски емисии на јаглерод диоксид” е во функција на подготовка на Република Македонија за Самитот во Париз и младите ќе ја имаат клучната улога во остварување на оваа цел. Проектот цели да создаде мрежа од млади луѓе од Македонија и Франција на возраст од 14 до 22 години кои преку активностите на проектот ќе разберат како нивните секојдневни одлуки влијаат врз намалување на климатските промени и ќе водат кампања на локално и национално ниво за да ја развијат свеста кај граѓаните и да извршат притисок кај локалните и национални власти за прилагодување и преземање конкретни акции за намалување и адаптација на климатските промени. Дел од активностите кои ќе се организираат како дел од проектот во текот на 2014 година се:
5 јуни, Светски ден за животна средина на Обединетите Нации, конференција и развивање стратегија за соработка со Извидниците од Франција;
23-27 јуни, ЕУ Недела на одржлива енергија, панел дискусија и саем за чиста енергија, каде младите ќе се запознаат со можностите за студирање во Македонија, Франција и Германија на тема обновливи извори на енергија;
18-23 август, Лидерски камп за климатски промени;
1 септември – 1 декември, Кампања “Промени во воздухот”;
Носител на проектот “Младите за пониски емисии на јаглерод диоксид” е младинската еколошка организација Гоу Грин Скопје, а партнери се Сојузот на извидници на Македонија и Сојузот на извидници од Франција. Главен подржувач на проектот е Амбасадата на Франција во Скопје.
Ефектите на климатските промени врз Република Македонија ќе бидат погубни за одредени сектори и индустрии според третиот национален извештај за климатски промени. Според проекциите, реката Струмица до 2025 година ќе има околу 34% помалку вода отколку сега. Потребите за вода ќе се зголемат до 30%. Жителите на општините Радовиш, Валандово и Дојран во југоисточниот плански регион сe најранливи на климатски промени и катaстрофи. Побарувачката за здравствени услуги и зa нега на постари лица значително ќе се зголемат поради големата ранливост на повозрасната популација на екстремнo високи и ниски температури. Обилните врнежи можат да влијаат на многу историско културни знаменитости низ целата земја. Зимскиот туризам ќе биде особено ранлив на климатските промени. Целиот изештај за климатски промени за Р. Македонија е изготвен од страна на УНДП и Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ и може да го преземете на www.klimatskipromeni.mk.
Основната причина за климатските промени е зголемената концентрација на емисии на стакленички гасови кои најмногу се предизвикани од согорување на фосилните горива, јаглен и нафта. Во Република Македонија 74% од емисиите на стакленички гасови доаѓаат од енергетиката. Петте најголеми извори на емисии на стакленички гасови во Р. Македонија се: емисии на јаглен диоксид од енергетските постројки, емисии на јаглен диоксид од мобилни извори на емисии вклучувајќи го патниот сообраќај, директни и индиректни емисии на азотен оксид од управување со земјоделските почви, емисии на метан од одлагање црвст комунален отпад на депониите и емисии од ентеричната ферментација на добитокот.
Европската Унија има за цел до 2050 да го декарбонизира енергетскиот сектор и оние земји кои нема да успеат во остварување на нивните цели ќе бидат подложни да плаќаат дополнителен данок на како емитер на стакленички гасови.