Минатата недела на европско ниво се одбележа ЕУ неделата на мобилност– настан за промоција на алтернативниот транспот и пешачењето. Под слоганот „Пешачи со нас“, младите ентузијасти на Гоу Грин се самоорганизираа за да ги поттикнат своите сограѓани да пешачат и користат велосипед или јавен превоз.

Во 7-те града каде е присутна Биди Зелен Мрежата: Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево, Прилеп и Битола, нашите членови направија герила-акција со банери на главните градски сообраќајници. Банерите беа со пораки за поттик за користење велосипед и јавен превоз како: „Кога последен пат се возевте во автобус?“, „Ти не си заглавен во сообраќај, ти си сообраќајот“, „Со автобус се возат само дами и џентлмени. Ти како одиш на работа?“. Во рамки на акцијата беа поделени и светлечки алки за пешаците и велосипедистите со кои тие ќе информираат за нивното движење навечер во сообраќајот.

Како позначајна акција ја издвојуваме анкетата направена меѓу средношколците во овие градови, односно „Анкета за мислењето на средношколците за велосипедската култура и инфраструктура„ во Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево, Прилеп и Битола, и „Анкета за мислењето на средношколицте за регулирање на е-тротинетите“ во Скопје.

Главните препораки од средношколците беа презентирани пред надлежните во нивните локални општини. Едни од поинтересните препораки се следниве:

– младите сакаат да возат велосипед, но потребно е да се подобри инфраструктурата

– младите сакаат велосипедски патеки село-село, град-село

– младите сметаат дека е-тротинетите треба да се движат по велосипедските патеки и да носат рефлектирачки елеци

– младите сметаат дека е-тротинетите треба да се паркираат на соодветни паркинзи наменети за нив

 

Повеќе информации за резултатите од анкетите може да прочитате на нашата веб страна.

Биди Зелен Мрежата е поддржана од Фондацијата Хајнрик Бол Сараево и Град Скопје.