На 22 Април 2015 година по повод Денот на планетата Земја, Младинската Еколошка организација Гоу Грин промовираше публикација на тема „Можности за младите во време на климатски промени и енергетска транзиција“ на младинската конференција оддржана на Универзитетот за туризам и менаџмент.
На конференцијата присуствуваа 86 студенти и средношколци на возраст од 15 – 22 години од Скопје, Прилеп, Штип и Босилово кои се заинтересираа да дознаат повеќе за вработувањето во областа на чиста енергија. Публикацијата беше изработена врз основа на документот за зелена економија на Европската Унија кој ја опфаќа потребата од отварање на нови 3 милиони работни места во секторот на обновливи извори на енергија до 2020 година.
Публикацијата може да ја превземете на следниов ЛИНК.
Енергетската трансформација од употреба на фосилни горива во општество кое ја добива својата енергија од обновливи извори, креира потреба од нова генерација на едуцирани млади таленти кои ќе го забрзаат овој процес. Исто така, ова претставува и голема можност за нови бизнис можности и можности за вработување. Од друга страна, младинската невработеност во Македонија и на Балканот е преку 50% што претставува голема можност да се стимулира образованието, практичното искуство и вработувањето на младите во секторот на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
На конференцијата свое обраќање имаа: Амбасадорката на Р. Франција Н.Е. Лоренс Оер, Даниела Поповска од Фондацијата Конрад Аденауер, Јулијана Даскалов од Гоу Грин и Сашко Граматниковски од Универзитетот за Туризам и Менаџмент Скопје. После официјалното отварање и презентација на публикацијата учесниците на конференцијата имаа можност да посетат неколку работилници на тема „Лидерство во нова ера на чиста енергија“, „Зелени работни места“ и „Развивање вештини кај млади луѓе“ кои им помогнаа да стекнат нови вештини и знаења поврзани со областа.
Младинската конференција е дел од проект поддржан од Француската Амбасада во Скопје и Фондацијата Конрад Аденауер.