Темата на завршната панел дискусија беше „Образование, знаење и вештини за развој на зелена економија и општества отпорни на климатските промени“ на кои земаа збор г-дин Арпад Талаши од Зилцле-клајн ГМБХ, услуги за одводнување од Штутгарт, г-ѓа Зорица Велковска од ОХО, Асоцијација за образование, консталтинг и комуникација од Скопје, и г-динот Бранко Анчич од Институтот за општествени истражувања од Загреб.

Г-динот Арпад Талаши се осврна од перспективата на бизнис секторот во однос на заштитата на животната средина и климатските промени. Г-динот Талаши потенцираше дека бизнис заедницата ја одолговлекува заштита на животната средина се додека не најде финансиски интерес да инвестира во заштита на животната средина. Тој додаде дека компаниите употребуваат различни начини за да ја избегнат одговорноста, преку игнорирање на регулативата, многу долго анализирање на проблемите и бескрајни дискусии со институциите, развој на стратешки планови наместо конкретна акција, вклучување на професионалци кои се скептици во климатските промени, и корупцијата во веќе постоечкиот бизнис ланец, како една од причините зошто бизнисите сакаат да ја задржат постоечката состојба (business as usual).

Според искуството од Германија, факторите кои би влијаелеврз компаниите да направат нешто во врска со животната средина и климатските промени, се следните: јасна и обврзувачка законска рамка со конкретни последици врз оние кои не ја почитуваат; институции кои соработуваат со приватниот сектор; создавање на стабилна бизнис околина; јавен притисок, зголемена свест и знаење за животната средина и климатските промени; и позитивен публицитет за компаниите кои ги почитуваат правилата. Г-динот Талаши продолжи со тоа дека компаниите стануваат свесни за последиците од климатските промени врз нивните бизниси и потребата за ново знаење и редизајнирање на инженерските практики за справување со неизвесната иднина. Проекти кои се во експанзија во водниот сектор се мерки за заштита од поплави, суши, бури и обилни врнежи, а професии кои се со зголемена побарувачка се инженери, метеоролози, хемичари и специјалисти по информатичка технологија.  Сепак, Арпад потенцираше дека иако зелените бизниси се во експанзија, сепак тие сеуште не се конкурентни со компаниите од автомобилската, фармацевтска, и хемиска индустрија, во однос на висина на плати и поволности кои се овозможуваат. На крајот, потенцираше дека зелените работни места и знаењето се во пораст, но сеуште ретко се наоѓаат значајни професионалци кои го имаат потребното образование, кое е клучна мерка во создавање на зелена економија и справување со климатските промени.



Зорица Велковска од ОХО се осврна на сите предизвици и лекции кои ги научиле во процесот на имплементација на програмата за интегрирано еколошко образование во Р. Македонија. Наодите од овој процес седека програми и предмети за еколошко образование постојат во образовниот систем, но се застарени и има потреба од нивно ажурирање и прилагодување, а воедно и едукација на наставниците и училишниот кадарза соодветно водење на училиштето. Зорица потенцираше дека главна порака која била најважна кај наставничкиот кадар е дека еколошкото образование не е оценка по предметот „екологија“ туку начин на живот и домаќинско водење на училиштата. Едукацијата на учениците најмногу се остварува преку објаснување зошто се менуваат светилките, зошто се менуваат прозорците, зошто се гасат светилките, зошто се селектира пластиката итн. Друга клучна компонента од процесот на еколошко образование е активизмот кој се создал кај учениците, собирањето пластика и економските придобивки кои училиштата ги имале од преземање на еколошки мерки. Зорица потенцираше дека е многу важно да се зајакнат капацитетите на средните стручни училишта и да се воведат лабораториите за практично образование на учениците, и воедно да се обезбеди доквалификација на стручните кадри со што ќе бидат сертифицирани за да ги задоволат потребите на зелените бизниси и еколошкиот пазар на труд. Со оваа интервенција ќе се задоволи потребата за стручен кадар за енергетска ефикасност, и ќе се намали невработеноста на оние под 35 години кои немаат завршено факултет. Се потенцираше важноста на создавање институционална рамка која ќе почне од Министертвото за образование и наука, потоа Бирото за развој на образование, и Центарот за средно стручно образование и обука, па преку Министерството за Економија и стопанските комори, невладините организации и општините, да се овозможи соодветно вработување, акциски планови и поттикнување на бизниси. На крајот, Зорица го потенцираше големиот потенцијал на работни места во областите на енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, органско земјоделство и еколошки туризам и потребата за развивање на образовен кадар во тие области.



Бранко Анчич, социолог од Загреб, започна со констатациите дека човекот користи повеќе од ресурсите кои му се достапни, односно живее и користи ресурси за 1,6 Планети Земји, и го постави прашањето „Ако користиме повеќе од колку што можеме да си дозволиме, дали живееме подобро?“. Бранко дискутираше дека моменталниот индикатор „бруто домашниот производ (БДП)“ не ни дава целосна слика за развојот на општеството, односно не ни дава увид за животната средина, за квалитетот на вода, воздух, почва, за квалитетот на образованието, распределбата на богатството, социјалната еднаквост во општеството и слично. Од тука, и концептот на „зелена економија“ почнува да преовдладува, а и повеќе време се разговара за нов индиакатор на успешност на општествата кој не е само економски, „индекс на општествен прогрес (Social Progress Index)“,кој ги мери индикаторите од различни аспекти во општеството. Бранко продолжи со различните дефиниции кои постојата за зелената економија, која покрај економската цел ја има целта за унапредување на животната средина и социјалната правда, но исто така се осврна на критиките кои зелената економија ги добива од некои група во научната заеднца. Имено, беа споменати монетизација на природата, претпоставката дека „растот“ е неограничен, перспективата дека е брзо решение (quick fix) на проблемите, потенцијалната доминантна улога на транснационалните корпорации, и други критики за зелената економија. Според истражувањето за „зелени бизниси“ кое било спроведено во Хрватска од страна на „Инстутот за општествени истражувања“ се заклучило дека постојат трендови и и добри практики во Хрватска, кои воглавном се мали бизниси и сопствениците биле мотивирани од различни причини да дејствуваат во зелената економија. Примери на зелени бизниси кои беа изнесени од областа на урбано градинарство, производство на ниско-технолошки соларни апарати (готвачи за домаќинство и слично), органско земјоделство, етички банки итн.



Според истражувањето, за овозможување и поддршка на зелена економија, во однос на државата, потребно е да преземе одговорност за заштита на животната средина, да се намали корупцијата, да преземе мерки за зајакнување на еколошкото образование и свест, да инвестира и субвенционира еколошко и локално производство. Во однос, на приватниот сектор, компаниите треба да инвестираат во благосостојбата на вработените, да ги намалат негативните последици врз животната средина и да обезбедат одржливо користење на ресурсите, да вклучуваат експерти за животна средина и да се направи систем каде ќе може да се прави профит од заштита на животната средина. Во однос на образованието, потребно е да се вметне развојот на вештини кај учениците/студентите, а да се намали количеството на знаење, понатаму да се има интердисциплинарен пристап во образованието (пример физика и социологија, инженерство и хемија и слично) за да може да се разбере целосно системоти предизвиците и да се даваат посоодветни решенија. На крајот се додаде, дека зборот „одржлив развој“ е често пати злоупотребуван од корпорациите и Владите, и сеуште се приоретизира „економскиот развој“, кој со постоечкиот систем, не ни ги решава проблемите, туку само создава нови. 

Во текот на отворените прашања и просторот за дискусија, се дискутираше околу потребата за структурна и системска промена во општеството за да се обезбеди квалитетен живот и благосостојба на граѓаните, и улогата на поединецот и државата во создавање на таа промена. Се потенцираше дека е потребна институционална рамка која нема да создава огромни разлики помеѓу граѓаните, во однос на економски придобивки и социјална правда, односно да се овозможи систем кој ќе овозможи децентрализирање на центрите на моќ и кој ќе направи можност за граѓаните да се вклучат во секторот енергетика и води (како таков процес се насочи либерализацијата на енергетскиот пазар). Се дискутираше дека е човеково право секој да може да создава електрична енергија, како што може да си расте зеленчук во градината, и да може и доколку произведува повеќе, да може да ја продаде електирчната енергија на пазарот, како што можеме тоа да го сториме со земјоделските производи. Ваквата можност, ќе им даде поттик на граѓаните и помалите фирми да инвестираат во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност кои се сектори од кои најмногу зависи квалитетот на животната средина и воедно климатските промени. Во однос на образованието, се заклучи дека е неопходно прилагодување кон потребите на еколошкиот пазар на труд, односно зелените работни места, кои произлегуваат од потребата да се овозможи квалитетен живот и здрава животна средина за граѓаните. Реформите и зајакнувањето на еколошкото образование е важно да се прави со вклученост на граѓанскиот сектор, и активно учество на младите во процесот за да може да се обезбеди квалитетно формално и неформално образование за екологија и климатски промени. 

Целосните говорина излагачите и нивните презентации може да ги преземете од следниот линк.