Конферецијата “Bike and Learn” беше оддржана на 21ви септември организирана од страна Гоу Грин како дел од Европската Недела на Мобилност, каде 20тина млади луѓе возејќи се на велосипед поминаа неколку инфо точки каде научија нешто повеќе за алтернативните средства. Колку ние учиме од овие конфереции и колку ни помагаат посериозно да го сфатиме проблемот кој го имаме?

Самите учесници ја согледаа тешкотиjата која еден велосипедист мора да искуси доколку сака да го искористи велосипедот како превозно средство. Велосипедистите, се пример за една мала група која самоиницијативно го жртвува секојдневно својот комфорт за намалување на загадувањето во нашиот град. Проблемот со кој се соочуваат велосипедистите е неправилната велосипедска инфраструктура и непостоењето на истата во одредени делови од градот. Иако, Град Скопје инвестира во велосипедските патеки преку проектот “Скопје – Велоград 2017” кој е насочен само кон креирање велосипедски патеки само на главните сообраќајници. Сепак, голема е потребата за создавање на ваква стратегија и инфраструктура и на помалите улици, проблем кој нашите учесници на мобилната конфереција го искусија од прва рака.



На мобилната конфереција Град Скопје ја презентираше апликацијата SocialCar која треба да го посочи наједноставниот, најекономичниот и најбрзиот начин на транспорт низ Скопје. Со користењето на ваква апликација се јавува потребата од дизајнирање на паметна инфраструктура која ќе ги спои јавниот превоз, велосипедизмот и автомобилскиот сообраќај. Но, првенствено ни е потребно развој на интегриран систем на превоз, со цел да биде успешна оваа апликација. Потребен е развој на брзи и безбедни велосипедски патеки кои ќе бидат вистински супститут за автомобилите како и јавен превоз кој ќе биде брз и атрактивен преку воведување повеќе фрекфентни линии и означување на посебни автобуски ленти на сообраќајниците.



Во Центарот за Социјални Иновации на Финки,  уште еднаш ја посочија потребата од паметен и одржлив систем кој треба да се развива паралелно со развојот на технологијата. Апликацијата “Скопје – Зелена Рута” произлегол од Центарот за Социјални Иновации, кој земајќи ја предвид постојната патна инфраструктура ни ја дава најеколошката рута која може да ја искористиме при нашето движење низ градот.

Здружението #НаТочак, ја затворија конферецијата со презентација како невладините организации и движењата кои се залагаат за унапредување на сообраќајната инфрастрктура нудат решенија до институциите.   Како заклучок од дебатата произлезе потребата од организирање на вистински Car Free Day, по примерот на големите европски градови кои организираат ваков настан барем еднаш годишно. Реалноста е дека градските власти немаат слух на барањата на невладините организации за спроведување на вистински Car Free Day, а не дефиле на велосипедисти кои само неколкучасовно го успоруваат сообраќајот во градов што можеби создава контрапродуктивност на самиот настан. Денот што треба да биде славење на алтернативниот транспорт се претвара во хаос од автомобили, нервозни возачи и патници кои се исфрустрирани од неколкучасовниот застој.

Ние како еколошка младинска организација, долги години предлагаме низа на мерки потребни во Град Скопје за усовршување на сообраќајната култура и инфраструктура првенствено кај младите. Анкетата (http://gogreen.mk/en/news/173-2014-10-19-22-17-53.html) која ја спроведовме покажува дека  повеќе млади луѓе би ги користеле алтернативните превозни средства доколку истите се побезбедни, побрзи и претставуваат поевтина варијанта за транспорт. Нашите предлози вклучуваат и креирање на поголеми пешачки зони во градот, односно затварање на улици кои што би можеле да им бидат вратени на пешаците и велосипедистите. Наше барање претставува и создавање безбедни велосипедски рути до училиштата и факултетите со што би се зголемила употребата на велосипедот во градот. Бидејќи граѓаните и младите луѓе не се осудуваат да возат сметајќи го градот за небезбеден и непогоден за велосипедизам. Car Free Day треба да биде ден кога без размислување ќе го оставиме автомобилот дома и ќе ги искористиме алтернативните превозни средства. Не станува збор за нервирање и гужви, туку единство на сите граѓани со цел да се постигне една поголема цел – намалување на загадувањето во воздухот.

Само за потсетување ние сме вториот најмногу загаден град во Европа и 1350 луѓе годишно умираат од загадување. Ќе направиме ли нешто?

Организирањето на активностите за време на „ЕУ мобилити неделата“ се дел од проектот „Инспирирање на младите за создавање на еколошко општество“ поддржан од Француската амбасада во Скопје.