На 11ти февруари во ЕУ инфо центарот во Скопје се одржа промоцијата на проектот за отпадни батерии “Гоу Клин”.
Батериите содржат токсични метали, како жива, никел, кадмиум, олово, литиум, кои се штетни по здравјето на човекот и не треба да се фрлаат заедно со комуналниот отпад.

Проектот за селекција на отпадни батерии кој започна во 2011-та година по иницијатива на Шведската Амбасада продолжува да се реализира и оваа година.
Целта на проектот е да се поддржи имплементацијата на Законот за батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори (“Службен весник на РM“ бр. 140/10, 47/11, 148/11 и 39/12), односно да се зајакнат капацитетите на општините во поставување на системот за управување со отпадни батерии, да се развие свеста кај граѓаните и да се вклучат младите во промотивна кампања со која ќе се собере 1000 кг на отпадни батерии. Во проектот се вклучени општините, Центар, Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров, Прилеп, Штип и Кичево. Проектот е составен од три столбови. Првиот столб е зајакнување на капацитетите на општините. Вториот столб е едукација и активирање на младите и третиот столб е промотивна кампања и натпревар за собирање на батерии помеѓу општините и училиштата.

Како дел од проектот, општините ќе потпишат договори со лиценцирана фирма за постапување со отпадни батерии, ќе се постават специјални канти за отпадни батерии во училиштата и ќе се изготви прирачник за имплементација на Законот за јавната администрација. Младите ќе бидат вклучени во програма за лидери каде ќе ја организираат и реализираат промотивната кампања во нивните општини. Натпреварот помеѓу училиштата и општините дополнително ќе ги стимулира младите и граѓаните да се однесуваат одговорно и да селектираат батерии.

“Младите се суштински дел на проектот, преку кои ќе се води кампањата за развивање на свеста кај граѓаните и ќе бидат носители на натпреварот помеќу општините и училиштата”, изјави  Антонио Јовановски – менаџер на проектот.

Проектот е финансиски поддржан од Амбасадата на Кралството Норвешка во Белград, а младинската еколошка организација Гоу Грин е носител на проектот. Партнер на проектот кој ќе се погрижи за соодветно преземање и складирање на отпадните батерии е друштвото за отпад “Нула Отпад ДОО”.

Досега се поставени околу 150 канти и колективните постапувачи ОБА рециклирање и Нула Отпад имаат собрано околу 4 тони отпадни батерии. Целта е да се соберат 10 тони за да се обезбеди рециклирање во една од ЕУ земјите.

Проектот ќе овозможи систем за управување со отпадни батерии за 348.128 граѓани, ќе вклучи 76 училишта и директно ќе опфати 15.294 млади луѓе.