По повод Европската недела на одржлива енергија младинската еколошка организација Гоу Грин организираше Саем за чиста енергија кој се одржа на 16 и 17 јуни во ЕУ Инфо Центарот во Скопје. Во текот на оваа недела 15-19 јуни се одржаа стотици настани низ цела Европа со кои се промовираа обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност.
Целта на саемот беше да се развие свеста кај младите во Македонија за академски и професионални можности во областа на чистата енергија, да се вмрежат младите со компании од Македонија и Косово кои работат во областа на обновливата енергија и енергетска ефикасност и универзитети кои нудат студии од истата област.
Улогата на образовниот систем и младите луѓе е од големо значење за успешна енергетска транзиција од фосилни горива кон обновливи извори на енергија. На саемот учествуваа Машинскиот Факултет, Факултетот за електротехника и информациски технологии, Технолушко-металуршкиот факултет (УКИМ, Скопје), Факултетот за менаџмент на еколошки ресурси (МИТ Универзитет, Скопје) и Факултетот за бизнис економија. Универзитетите ги информираа младите за Еразмус програмите, академските програми и студентските трудови во областа на чистата енергија и енергетската ефикасност. Професорите говореа за техничкиот аспект за производство на енергија од обновливи извори, процесот на добивање на биогориво од тврд и течен отпад, најновите истражувања и идните активности.
Покрај универзитетите на саемот учествуваа и компании, асоцијации и здруженија како: „Evroenergie“ Косово, Паксон, Сието, Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика, Соларната асоцијација на Македонија, Фронт 21/42 и Регионалниот центар за животна средина. Потребата од стручен кадар и интердисциплинарни вештини во секторот за чиста енергија и енергетска ефикасност се зголемува, енергетската транзиција од фосилни кон обновливи извори отвора можности за нови работни места. На овие работилници младите се информираа за потенцијалот за развој на соларни енергетски системи во Македонија, отворање на нови работни места при имплементација на соларни системи и ветерници, енергетско ефикасни системи за ладење, греење и вентилација соодветни за домаќинства и поголеми објекти, како и за најновите стандарди и трендови на компаниите кои работат во секторот на чистата енергија. Дводневниот саем заврши со сесија за учеството на младите во креирање политики и донесување одлуки во областа на енергетиката.
На Саемот за чиста енергија беше доделен и велосипед како прва награда на конкурсот за најдобар есеј на тема: „Одржлив транспорт-составен дел од транзицијата кон чиста енергетска иднина во Македонија“.
Крајниот резултат на саемот преставуваше создавањето колаборативна средина каде потенцијалните таленти имаа пристап до академски и професионални можности со цел успешно да пристапат кон својата понатамошна професионална кариера.