Фокусот на овогодинешната „Европска недела на мобилност“ (European Mobility Week) е „Безбедно пешачење и возење велосипед“ а ќе трае од 16 до 22 септември. Гоу Грин традиционално се вклучува во подигнувањето на свеста кај граѓаните за важноста од напуштање на комфорот и автомобилите, и ангажирање на граѓаните да почнат да користат јавен транспорт, велосипед, да пешачат или барем да го споделуваат превозот.

Активностите предвидени за оваа година ќе се случат во седум градови во нашата држава: Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево, Прилеп и Битола. Главните активисти се младите  на Гоу Грин, односно членовите на Биди Зелен Мрежата, поддржана од фондацијата Heinrich Boll Stiftung и Град Скопје.

„Развивање на свест кај средношколците и нивно вклучување во дијалог со јавните институции е од клучно значење за развој на одржливи заедници со свесна и здрава младина која е мотивирана да поттикне промена кај себе и кај другите” – изјави Антонио Јовановски.

Средношколците во Град Скопје ќе спроведат анкета во нивните училишта на тема „Регулирање на електричниот тротинет“ преку која младите ќе го дадат своето мислење за новиот транспортен феномен во главниот град. Резултатите и заклучоците од анкетата ќе бидат претставени пред претставници од Град Скопје и Републичкиот совет за сообраќај кој подготвува предлог за регулирање на електричните тротинети.

Во Тетово, Гостивар, Прилеп, Битола, Куманово и Кичево, средношколците ќе спроведат анкета на тема „Велосипедска култура и инфраструктура“ преку која младите ќе можат да го дадат своето мислење за состојбата и условите за возење велосипед и пред општините ќе ги презентираат резултатите и заклучоците од истражувањето.

Покрај овие активности, граѓаните од овие градови ќе можат да ги пресретнат нашите активисти на главните сообраќајни раскрсници со еко-пораки насочени токму кон поттикнување на алтернативниот транспорт и пешачењето во градот. Останати активности како затворање на главните сообраќајници ќе има во повеќето градови, во Град Скопје тоа е најавено за во четврток на 19 септември, а во другите градови за 22 септември.

Не’ охрабрува што Град Скопје за време на Европската недела на одржлив транспорт иницираше и поттикна комбинирање на железничкиот транспорт со велосипедизам. (линк до официјалното соопштение) и предлог планот за затворање на централното градско подрачје, што беше и една од иницијативите на Гоу Грин со кампањата #РекордПешачкаЗона

Европската недела на мобилност има за цел да го промовира алтернативнот и одржлив начин на движење во градот, односно јавниот транспорт, велосипедизмот, пешачењето итн. Иако трае само неколку дена, овој настан овозможува да се разгледаат потешкотиите со кои градовите се соочуваат во однос на сообраќајот и последиците од истиот: загаденост на воздухот и бучава.