Во средата, 13 мај, со почеток во 20.30ч се одржа видео-конференција на тема „Значењето на образованието за справување со климатските промени“ на која учествуваа 63 учесници [конференцијата може да ја погледете тука]. 

Целта на видео-конференцијата беше да се поттикне дијалог помеѓу младите и институциите за потребата од суштинска застапеност на образованието за климатски промени во наставните програми, како и потребата за искористување на сончевата енергија и зголемување на енергетска ефикасност во училишните објекти. 

На почетекот, Васил Ханџиски, координатор на Биди-Зелен клуб „Никола Карев“. Тој истакна дека главната цел е создавање мрежа од средношколци кои ќе поднесат барања до институциите за енергетско-ефикасни училишта на сончева енергија и образование за климатски промени. Барањата се претставени преку Петицијата на која се повикаа учесниците да дадат поддршка. 

Говорници беа д-р Наталија Ацеска, стручен советник при БРО која се осврна на концептот и моменталната состојба на образованието за одржлив развој во наставните програми, Антонио Јовановски, претседател на Гоу Грин кој зборуваше за зелените работни места, и Ангела Најдоска која говореше за важноста на енергетската ефикасност и создавање училишта кои ќе ја користат сончевата енергија.

Како претставник од Бирото за развој на образованието, Наталија Ацеска меѓудругото истакна дека образованието за одржлив развој е интердисциплинарно и всушност претставува образование за живот. Преку ова образование се стекнуваат компетенции за однесување, правила норми, ставови и вредности.

„Во моменталните наставни програми постојат сегменти на одржлив развој со трите аспекти: еколошки, економски и социјален аспект, но сметам дека не сме свесни за неговата имплементација. Потребно е наставниците и професорите да го препознаваат и да знаат како да го внесат во нивните предмети. На пример, еден наставник по математика предава лекција за математички операции а при тоа може да работи на пресметката на јаглеродниот отпечаток. Со тоа сублимира две теми: математика и одржлив развој“- посочи Ацеска.

Антонио Јовановски зборуваше за зелените работни места, а за да се поттикнат зелени работни места истакна дека мора да се зајакне техничкото образование во основните училишта и да се зголеми интересот за стручното средно образование

„Како дел од заложбите на Гоу Грин за зелените работни места, одборот за националната рамка на квалификации ќе изработи методологија за зелените работни места и ќе ги ревидира индикаторите на постоечките квалификации кои може да се класифицираат како зелени.“– прецизира Антонио.

Ангела Најдоска зборуваше за Правилникот за обновливи извори на енергија кој дозволува на јавни објекти да се инсталираат фотоволатични системи со капацитет на производство од 20Кw, односно електрична енергија која е потребна за 4-5 домаќинства. Училиштата имаат поголема потреба од електрична енергија, а имаат и многу поголема површина која е погодна за инсталација на фотоволтаици.

„Кога би имале можност да се инсталираат фотоволтаици со поголем капацитет од 20Кw, тие ќе произведуваат електрична енергија за своите потреби, а вишокот ќе може да го продаваат на дистрибутери на електрична енергија, а со тоа ќе добијат и приходи. Така и училиштата ќе се мотивираат да инвестираат во фотоволтаици и затоа бараме од надлежните институции да дозволат на училиштата да може да инсталираат поголем капацитет на фотоволтаици.“ – истакна Најдоска.

Учесниците кои беа претставници од институции, наставници, средношколци, невладин сектор, дискутираа и ја потврдија важноста на овие теми. Се заклучи дека е потребно работната група, покрај претставници од Бирото за развој на образованието, да вклучи и претставници од Министерството за животна средина за да се даде експертски инпут во менување и прилагодување на наставните програми со климатските промени. 

На крајот уште еднаш се повикаа учесниците да ја потпишат и споделат Петицијата која ги сублимира барањата кои се разговараа на оваа конференција и ќе биде доставена до соодветните институции. 

Видео-конференцијата е активност во рамки на проектот „Училишта на сончева енергија“, кофинансиран во рамки на проектот „Да зборуваме за климатските промени“ спроведуван од Еко-свест, ЦНВП и ДЕМ, како и во рамки на проектот „Млади за образование за климатски промени и квалитетен воздух“ од фондацијата Heinrich Boll Shtiftung Sarajevo.