На 21 септември (сабота) по повод Светската акција за чистење се организираа акции за чистење на несовесно одложеното ѓубре во 7 града: Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, Кичево, Битола и Прилеп.

Над 500 граѓани се вклучија во акциите кои помогнаа да се отстранат околу 400 ќеси ѓубре, неколку камиони суви гранки, листови, габаритен отпад како душеци, фотељи и друг мебел.

„Најмногу собравме пластични шишиња и лименки. Ги има насекаде, некои се нови а некои од многу одамна.“ – изјави Александар, волонтер на Гоу Грин.

„Најмногу ме згрозија пикавците. Ако се загледате, тревниците се полни со пикавци од цигари, и за многу кратко време може да наполните едно пластично шише.“- сподели Елена, млада активистка за животна средина.

Локациите кои беа исчистени се следните:

  • Скопје- Средно Водно (околу манастирот Мала Богородица)
  • Гостивар – населба Фазанерија
  • Кичево – долж реката Сушица
  • Битола – ОУ Тодор Ангелевски, паркот меѓу ул. Н.Н. Борче и Илинденска, паркот во населба Ушици, улица Цар Самоил.
  • Прилеп- патот кон вештачкото езеро и општата болница Борка Талески
  • Тетово – ул. Дервиш Цана.
  • Куманово – областа во и околу средното училиште Перо Наков

Младите на Гоу Грин, членови на Биди Зелен Мрежата, беа директно вклучени за организација на настаните локално. Локациите беа предложени од општините или од граѓаните кои се пријавија на повикот. Општините придонесоа со механизација, опрема и промоција на настанот.

Во Куманово беше најбројна и најразновидна акцијата за чистење. Преку 200 активисти и волонтери од Не биди ѓубре, Кумановски акцијаши, активистите на Гоу Грин, CIVIS и вработени во општината.

„Преку овие акции граѓаните треба да се мотивираат секојдневно да го фрлаат соодветно ѓубрето, бидејќи тоа што ќе го фрлат на улица, во природа или во парк, не само што ќе ја загрозат животната средина, туку даваат повод и на другите граѓани на истото место да го фрлат нивното ѓубре. Пошироката цел е да станеме свесни дека фрламе ресурси кои може да се рециклираат, а воедно и да ја намалиме употребата на пластиката и пластичните ќеси особено, бидејќи сета пластика што оди во депониите, барем кај нас кога ќе се самозапалат, таа пластика и тој чад ние го дишеме.“ – изјави Антонио Јовановски, извршен директор на Гоу Грин