По предлог на здружението „Гоу Грин“, работната група за зелени работни места (линк) прифати дефиниција која е во согласност со меѓународно прифатените дефиниции и ќе се третира како национално прифатена дефиниција за „зелени работни маста“ (ЗРМ). Оваа дефиниција е општа, рамковна дефиниција и ги опфаќа двата аспекта –зачувување на животната средина и климата и аспектот на пристојност и гласи:

  • Зелени работни места се пристојни работни места кои придонесуваат за социјална еднаквост и зачувување, обновување и унапредување на животната средина и климата.

 Од аспект на животната средина, зелените работни места придонесуваат за:

  • ефикасна употреба на ресурси
  • намалување на отпадот и управувањето со отпадот
  • намалување на аерозагадувањето
  • заштита и обнова на екосистемите
  • намалување на стакленичките емисии на гасови
  • прилагодување на последиците од климатските промени
  • зголемена енергетска ефикасност

 Од аспект на „пристојноста“ и социјалната еднаквост, овие работни места се и оние кои:

  • обезбедуваат солиден приход за работникот,
  • безбедност на работното место,
  • социјална заштита за семејствата,
  • овозможуваат личен развој и општествена интеграција,
  • овозможуваат простор за слободно изразување на своите грижи од работата,
  • им дозволува на работниците да се организираат и учествуваат во одлуките кои влијаат на нивните животи,
  • им обезбедува еднаква можност и третман на сите мажи и жени.

 

Здружението го поздравува прифаќањето на оваа дефиницијата бидејќи со аспектот на „пристојност“ се осигурува квалитетот и атрактивноста на зелените работни места. Со прифаќање на „пристојноста“  се поддржува и „Агендата за пристојна работа“ на Обединетите Нации и потпишаната програма за пристојна работа (линк), од страна на Владата, синдикатите, работодочите и Меѓународната организација на трудот.

Понатаму, работната група препорача националната дефиниција да се употреби во сите национални документи во кои тоа е возможно. Како предлог посочено е до Советот за одржлив развој, да се достави препорката „зелениот раст“ и „зелената економија“ да се инкорпорираат при изработка на новата Стратегија за одржлив развој. Потоа да се препознае поврзаноста и инкорпорираноста на ЗРМ и „зелената економија“ со Целите за одржлив развој (SDGs), особено Цел 8 (економски раст и работни места) и Цел 13 (климатска акција) и да се инкорпорираат во националните политики, потоа Агенцијата за млади и спорт да ја разгледа можноста да се внесе дефиницијата за ЗРМ во новиот Закон за млади кој е во фаза на изработка, а дополнително, да се разгледа можноста ЗРМ да се вметнат при ревидирањето на Стратегијата за млади.

Од страна на претставниците на УНДП и Четвртиот национален извештај за климатски промени укажано е на потребата да се пристапи кон изработка на Стратегија за зелен раст која ќе овозможи транзицијата на економијата кон ниско јаглеродна, но воедно и економија која полесно ќе се справува со предизвиците кои ги носат климатските промени. Оваа транзиција има голем потенцијал за создавање на голем број дополнителни работни места, кои иницијално веќе се анализирани во националните документи за климатски промени (Соодветни национални придонеси, Втор двогодишен извештај за климатски промени).

Од страна на Гоу Грин, беа посочени следните генерални политики каде дефиницијата за зелени работни места треба да се земе предвид:

– Закон за климатска акција

– Стратегија за енергетика

– Стратегија за одржлив развој

– План за чист воздух

– Индустриска политика 2009-2020

– Фискална стратегија на РМ 2019-2021

– Стратегија на мали и средни претпријатија 2018-2023

– Програма за економски реформи

– Среднорочна програма на Фонд за иновации и технолошки развој 2018-2020

– Стратегија за формализирање на неформалната економија на РМ

– Национална стратегија за вработување на РМ

– Национална стратегија за млади 2016-2025

– Програма за реформи во вработување и социјални политики

– Акциски план за вработување на млади 2016-2020

– Закон за енергетска ефикасност

– Стратегија за реконструкција на згради 2030

 

Работната група утврди дека дефиницијата за ЗРМ сама по себе не е доволно, и е неопходно да се изработат критериуми според кои поконкретно ќе се мерат ЗРМ, односно да се воспостават индикатори за нивна мерливост. Бранко Алексовски, од Центарот за стручно образование и обука, предложи да разговара со Националниот одбор за рамка на квалификации, да се означи посебен сектор за оние квалификации кои се поврзани со зелени работни места.