Сакам да селектирам, но контејнерите се далеку. Сакам да селектирам, но не знам што значат симболите. Сакам да селектирам, но немам место дома за посебни канти…

Овој „проблем“ повеќе не е проблем за станарите од ул.Антон Попов бр.1/1. Викендов нашето здружение постави канти за селекција на пластика, хартија и капачиња од шишиња, како и упатства за селектирање на секој спрат. Денес е понеделник, и дел од кантите се скоро полни.

„Од вчера почнав со селектирање на пластиката и хартијата. Претходно не го правев ова бидејќи контејнерите ми беа далеку и не можев дома да гледам како се натрупуваат шишиња, а искрено немав ни многу време. Вака кантата ми е скоро пред врата и штом имам празно шише, излегувам во ходник и го фрлам во кантата за пластика“- изјави еден од станарите.

„Во 2017 година со Истражувањето на јавно мислење за селекција на отпад увудовме на кои проблеми наидуваат граѓаните и што всушност ги спречува да вршат примарна селекција во нивните домови. Дел од решението веднаш ни беше јасно – приближување на услугата за собирање на отпадот од врата преку вклучување на собирачите“- сподели Антонио Јовановски.

Во 2018 година се подготви занимањето „собирач и постапувач со отпад“, а годинава се одобри и образовната програма „Собирач на секундарни суровини“. Здружението е во процес на отворањето на социјално претпријатие со кое ќе се овозможи собирачите да имаат пристојна работа, а на домаќинствата во зградите и фирмите ќе им се олесни селектирањето со „собирање од врата“. Оваа активност дополнително и ќе ја намали сивата економија што се случува кога рециклаторите им плаќаат на рака на неформалните собирачи.

Пилот-проектот „Ја собираме пластиката од дома“ во 2018 година во населба Лисиче даде позитивни резултати: граѓаните покажаа добра волја и дисциплина во селектирањето, и се покажа дека овој тип на активност има и економска логика и може да се вработат две лица.

Хаштагот #селектирам ќе ја следи оваа иницијатива која има за цел подигнување на свеста кај граѓаните за селектирањето на отпад и вклучување на собирачите во формалниот систем за управување со отпад.

*** кантите за селектирање се донација од Пакомак