На 14 октомври, по иницијатива на здружението „Гоу Грин“ и поддржано од Министерството за животна средина (МЖСПП), се одржа јавна трибина во општината Свети Николе на тема „Регионалната санитарна депонија во Источниот и Североисточниот регион“. На трибината присуствуваа претставници од граѓанскиот сектор, покрај Гоу Грин и Македонското Еколошко Друштво од Скопје, и локални здруженија и граѓани, како и граѓанската иницијатива „СТОП за изградба на регионална депонија“. 

Регионалната санитарна депонија би била првата модерна санитарна депонија во нашата земја по европски стандарди. Депонијата опфаќа 17 општини кои ќе формираат јавно меѓурегионално претпријатие кое ќе управува со отпадот во Источниот и Североисточниот регион. Планирани се 6 претоварни станици, набавка на контејнери и возила, и затворање на нестандардните депонии и ѓубришта во овие региони. Технологијата на Депонијата е пракса која гарантира заштита и безбедно третирање на отпадот (покривни слоеви, собирање и третман на исцедокот, собирање на гасот, и заштита од поплави), но сепак граѓаните се сомневаат во изведбата и успешната имплементација на овој проект. Избраната локација за депонијата е околината на селото Мечкуевци и граѓаните се загрижени за влијанието на депонијата врз органското земјоделство, и уникатните природни и животински видови кои се наоѓаат во тој регион, односно царскиот орел и жалфијата.

„Досега имаме лошо искуство со имплементација на вакви европски проекти каде ни ветуваат дека се ќе биде супер и нема ризик, а ете ја пречистителната станица не работи и реката ни е позагадена од било кога. Немаме верба дека истото нема да се случи и бараме реалокација на депонијата на друго место“ – велат загрижените граѓани од околните села.

Претставниците на МЕД, кои вршат истражувања на флората и фауната во земјата, одговорија дека за овчеполската жалфија немало информации додека се работел проектот, но тие дополнително утврдиле дека жалфијата се среќава на подрачјето во околината на депонијата. Постојат и други нејзини живеалишта и затоа е утврдено дека со изградбата на депонијата ова растение нема трајно да се уништи. Во однос на царскиот орел, МЕД ги следи гнездата на парови од кои најблиското се наоѓа на оддалеченост од околу 3,5 км. Во нормални услови царскиот орел се движи во радиус од 2 км од гнездото што значи дека и за најблиските гнезда не постои можност за било какви влијанија врз видот.

Антонио Јовановски, извршниот директор на Гоу Грин ги презентираше наодите од другите земји во врска со влијанието на овој тип депонија врз органското земјоделство.

„Се консултирав со колегите од Европската мрежа на еколошки организации www.eeb.org и одговорот беше дека овој тип санитарни депонии немаат некое позначајно влијание врз органското земјоделство, особено ако технологијата вклучува третирање на биоразградливиот отпад пред внес во депонијата. Затоа е многу важна примарната селекција на отпадот и компостирањето“ – изјави Јовановски.

Од Министерството презентираа дека локацијата која е избрана е врз база на исцрпна и веродостојна студија и дека за избор на локацијата се земени геолошки, хидрогеолошки, хидролошки, еколошки критериуми и критериуми за просторно планирање кои потврдуваат дека локацијата е најпогодната за изведба на овој тип на регионална санитарна депонија. Од Министерството потврдија дека биоразградливиот отпад ќе се третира, а нема да се депонира и повикаа на поддршка од локалното население.  

Дел од граѓаните присутни на јавната трибина ги увидоа придобивките и се здобија со доверба за оваа регионална санитарна депонија, но дел од нив сеуште не се согласуваат и цврсто стојат на ставот за дислокација на депонијата. 

Моментално, Источниот регион има 11 нестандардни депонии и 71 ѓубриште, а Североисточниот 5 нестандардни депонии и 36 ѓубришта. Со пристапување кон изградба на регионалната санитарна депонија овие нестандаррдни т.н. диви депонии и ѓубришта ќе се затворат и санираат.