Pandas in Chengdu

Официјално веќе 10 дена живеам во четвртиот најразвиен град во Кина, Ченгду и морам да признаам, преубаво е. Градот е огромен и воедно претставува многу шармантен спој на модерното и традиционалното, додека пак луѓето се многу слични со нашите – грижливи, гостопримливи и пријателски настроени. Како главен град на областа Сечуан, Ченгду има популација од 16 милиони жители и површина од 12 390км2 и воедно претставува дом на пандите.

Во Ченгду има повеќе центари за истражување на репродукцијата на пандите во кои што живеат околу стотина панди. Додека пак во целата област Сечуан живеат 1500 панди, вклучувајќи ги и оние од дивината, што претставува нешто повеќе од 80% од нивната вкупната популација. Изминативе денови бев во посета на еден од тие центри и дознав дека пандите живеат до 30 години со тоа што една панда година претставува три човечки, а најстарата панда во светот живеела 38, односно 114 години.

PandaBebe-Chengdu

Пандите се раѓаат по 80 до 90 денови од кога се зачнати и тоа со големина на човечка дланка, тежејќи од 150 до 200 грама. Панда бебињата имаат нежна розева кожа и затворени очиња. Во првите три месеци полека почнуваат да се движат, ги отвараат очите и започнува да им расне црно – белото крзно.

Поради тоа што се раѓаат многу мали, доколку се родат близнаци, мајката панда мора да се одлучи за едно, бидејќи нема да може да се грижи за двете и таа го одбира посилното, а другото го остава. После првите 2-3 години откако ќе научи да се грижи само за себе, бебето панда се одвојува од мајка си и ја напушта.

 

Исто така открив дека пандите се многу срамежливи суштества. Од центарот ми кажаа дека за време на сезоната за парење ги ставаат по две во иста просторија за да се зближат, но тие често седат на различни краеви, па чуварите заменуваат една од нив, за да пробаат нов пар. Инаку, сите панди во светот се во сопствеништво на Кина, освен две кои се на Мексико. Со законот донесен во 1983тата година, секоја држава може само да позајми една до две панди максимум и тоа до 17 години од кои за секоја година државата треба да и плати на Кина 10 милиони долари. Во САД има точно 15 панди кои што секако и припаѓаат на Кина, додека пак двете панди на Мексико му припаѓаат нему, бидејќи биле подарок од кинеската до мексичката влада неколку години пред да се донесе законот од 1983та.

Panda

Од вработените во центарот дознав дека пандите јадат само бамбус. Им даваат да пробаат и јаболки и други видови на овошја, но не ги прифаќаат. Па, за овие големи мечиња да можат да си ја одржуваат својата форма, тие конзумираат 9 до 18 килограми бамбус на ден.

На само два часа одалеченост, во непосредна близина на Ченгду, се наоѓа градот Лешан. Лешан е претпознатлив по високата камена статуа од Големиот Буда. Лоциран во планината која наликува на лежечки буда, Големиот Буда е ситуиран точно на местото на срцето на лежечкиот. Така сместен во планината, гледа кон друга планина, планината Емеи а токму пред него се наоѓа спој на три реки: Мин, Кинг Ји и Даду. Во дамнешни времиња, пред будата да биде изграден, токму на ова место се случувале многу незгоди со бродови. Затоа кинескиот монах, Хаи Тонг ја започнал изградбата на будата во 713та година со надеж дека ќе ги смири реките. По неговата смрт, изградбата била стопирана поради недостаток на финансиски средства се до 70 години подоцна кога воениот гувернер Веи Гао одлучил да го спонзорира проектот и изградбата продолжила според почетната замисла на монахот Хаи Тонг. Будата бил конечно целосно изграден во 803тата година, 90 години подоцна откако бил започнат.

Leshan Giant BuddhaLeshan Giant Buddha

Со неговиот 71 метар висина, Големиот Буда е најголемата статуа од Буда во целиот свет. Неговата глава е долга 14.7 и широка 10 метри. Косата е претставена преку специјални спирални кадрици со 1021 пресврти кои биле вешто вградени во главата. Има 7 метри долги уши во кои што може да собере двајца луѓе, 5.6 метри долг нос и исто толку долги веѓи. Додека пак, ширината на неговите уста и очи е 3.3 метри. Вратот му е 3 метри долг, а рамениците 24 метри широки. Најдолгиот прст му е 8.3 метри долг и има 28 метри помеѓу неговите коленици и стапала, кои што се широки 8.5 метри и на нив можат да се сместат околу стотици луѓе, дури и на најмалиот нокт може да се смести човек. Повеќето статуи на буди се изградени со прекрстени нозе, но кај овој буда нозете се раздворени и застанати на земјата што претставува знак за сигурност и поголема заштита. Од неговата изградба повеќе не се случила ниту една несреќа со бродови. Знам дека звучи многу неверојатно, но всушност е вистина и има логично објаснување. Имено, огромната количина на урнатини кои што биле издлабени од карпата за време на изградбата на Големиот Буда, биле фрлани во реките предизвикувајќи струите на реките да се пренасочат и водите да се смират.

Будизмот важи за најраспространета религија во Кина, веднаш по него следуваат таоизмот, исламот и христијанството. Будизмот во Кина потекнува од страна на Индија од пред околу 2000 години. Со неговото проширување во Кина, тој се спојува со домашниот таоизам и народните религии. Античкиот будизам предаван од самиот Буда учи на пронаоѓање на просветителството преку пат на медитација. Будизмот во кој што веруваат Кинезите се нарекува Махајана будизам, иако тие не се определуваат строго за една религија. Постојат стотици милиони луѓе кои што веруваат во комбинација од будизмот и таоизмот. Она што го оддвојува Махајана будизмот од оној во Индија е тоа што тие веруваат дека Буда е повеќе од само учител. На него гледаат како Бог на кој што треба да му се молат за помош и спасение. Иако Буда бил замислен премногу слаб, во будизмот во Кина, сите статуи од Буда го претставуваат покрупен, силен и здрав како грчките богови. Во модерна Кина, така наречениот „Среќен Буда“ може да се сретне најчесто. Тој е полничок и секогаш со голема насмевка. Главната цел на животот во модерна Кина е „да се биде среќен“, можеби баш затоа Буда е претставуван на овој начин веќе стотици години наназад.

Wenshu Monastery

Во Кина постојат преку еден билион будистички храмови. Изминатава недела имав можност да посетам еден од нив, манастирот Веншу. Првично изграден за време на Танг династијата, Веншу манастирот бил наречен Xinxiang Temple. Во 1681 година, за време на владеењето на императорот Кангкси од династијата Кинг, будистичкиот монах, Киду, дошол во храмот. Изградил едноставна колиба меѓу две дрвја и неколку години живеел аскетски живот. Според легендата, по смртта на Киду неговото тело било кремирано. За време на процесот на кремирање, од огнот избувнал пламен во кој се појавила статуата на Веншу (богот Бодисатва Манџушри), останувајќи така долго време. Затоа луѓето го сметале Киду за реинкарнација на Бодхисатва Манџушри. Па од таа причина, храмот Xinxiang бил преименуван во манастирот Веншу. Културните реликти се она што го истакнува манастирот од останатите. Уште од времето на Танг и Сонг династиите, во овој манастир се чуваат преку 500 уметнички дела создадени од реномирани кинески сликари и калиграфи, меѓу кои и Џанг Даќијан, Женг Банкио и Фенг Зикаи. Од сите драгоцени реликвии, за најскапоцени се сметаат делот од скршениот череп на Xuan Zang, познат монах од династијата Танг, како и статуата од Буда донесена од Бурма во Кина во 1922 година од страна на Ксинг Лин, будистичкиот монах кој што сам, одејќи пеш ја пренел. Покрај тоа, во манастирот се сместени околу 300 статуи на Буда од различни материјали, вклучувајќи железо, бронза, камен, дрво и жад, но некои и гламурозно насликани.

This slideshow requires JavaScript.