
Министерството за животна средина и просторно планирање подготви 6 (шест) нови предлог закони за отпад кои се усогласени со Европските директиви и кои даваат стратешката насока на управувањето со отпад во нашата земја. Станува збор за:
- Предлог Закон за управување со отпад (достапен на ЕНЕР (линк) последна верзија мај, 2019)
- Предлог Закон за управување со пакување и отпад од пакување
- Предлог Закон за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад
- Предлог Закон за управување со дополнителни текови на отпад во системот за одговорност на производителите
- Предлог Закон за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема
- Предлог Закон за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори
Последните пет предлог закони се достапни на следниот линк
Предлог законите се презентираа на јавната трибина одржана на 27 ноември 2019г по иницијатива на здружението „Гоу Грин“ каде Министерството за животна средина и Амбасадата на Франција дадоа поддршка. На трибината експертите кои ги изработуваа законите ги презентираа најзначајните промени кои предлог законите ги содржат и подобрувањата со кои се очекуваат. Дел од значајните точки кои се регулирани во предлог законите беа:
„Аптеките имаат обврска бесплатно да го примат фармацевтски отпад кој се создава од домаќинствата – предлог Закон за управување с о отпад (член 61)“
„Укинување на статусот на отпад и воведување на нов термин „секундарна суровина“ – предлог Закон за управување со отпад (член 18 и 19)“
Цена на комунална услуга ја регулира Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги – можност да се наплаќа по количество создаден отпад, а не по метар квадратен – предлог Закон за управување со отпад
Законот за управување со отпад стапува во сила 8 (осум) дена по објавување во Службен весник.
Се забранува пуштање на пазарот на пластични кеси за носење на стоки. По исклучок дозволено се биоразградливи кеси за носење на стоки. Надоместокот кој треба да го плаќаат крајните корисници за биоразградливите пластични ќеси за транспорт на стоки изнесува 10 денари за парче и истиот се плаќа на трговецот на местото на продажба – Закон за управување со пакување и отпад од пакување (член 10)
Законот за управување со пакување и отпад од пакување стапува восила од 1 јули 2020, освен член 10 кој стапува на сила од 1 јануари 2021 година.
Ве покануваме Вас, граѓаните, новинарите и граѓанските здруженија да ги прочитате законите и да се вклучите во дискусиите и давањето коментари кон Министерството. Може да коментирате и да давате предлози со испраќање e-mail на infoeko@moepp.gov.mk Следната јавна трибина за предлог законите е закажана на 17 и 18 декември.