На ден  07.02.2019 се одржа работна средба на координативното тело за соработка помеѓу граѓанските организации и Министерството за животна средина и просторно планирање, со Премиерот, г. Зоран Заев и Заменик министерот за животна средина, г. Јани Макрадули.

Главен фокус на средбата беше несоодветниот менаџмент со Министерството за Животна Средина и Просторно Планирање и недостатокот на стручни кадри кои што ќе можат да учествуваат во преговорите на Македонија за членство во ЕУ, во однос на поглавјето 27 кое се однесува на животната средина. Претставниците на граѓанскиот сектор апелираа досега има несериозно третирање на ова круцијално поглавје кое ги засега во сите сфери на живеењето и со тоа само се продлабочува јазот помеѓу реалноста која ја живееме ние, граѓаните на Македонија, и онаа во Европската Унија. Дополнително, координативното тело апелираше за постапки и одлуки со кои целосно се игнорираат, изигруваат, прекршуваат апели, барања, препораки и одлуки на Европската Комисија, Европскиот парламент и Советот на Европа и други ентитети на меѓународната заедница.

Како член на координативното тело, одговорен за секторот „отпад“, извршниот директор на Гоу Грин, Антонио Јовановски, истакна дека Гоу Грин се залага за фер и граѓански систем за управување со отпад. На средбата Јовановски побара да се воведе национален систем на кауција за пластични шишиња и лименки, по примерот на Хрватска и Германија, со кој граѓаните доколку ја однесат својата амбалажа на означени места (депоа, или супермаркети) ќе добијат пари за возврат. Системот на кауција би ги мотивирало граѓаните да го селектираат својот отпад. Истражување кое Гоу Грин го направи покажува дека 75% од граѓаните би го селектирале својот отпад доколку имаат некоја корист од тоа, а воедно е докажано е дека системот на враќање пари за донесена амбалажа (пластика, стакло, лименки) од страна на граѓаните ги има зголемено стапките на рециклирање за повеќе од 90% во некои земји. Дополнително, со воведување на данок на депонирање од страна на државата, ќе ги поттикне општините повеќе да работат на превенција, реупотреба и рециклирање на отпадот.

Понатаму, Јовановски истакна дека доколку надоместокот за отпад (комуналната такса) се наплаќа по создадено количество отпад (волумен или килограм), ќе поттикне поголема селекција и  реупотреба на отпадот.

Моментално, плаќаме по м2, што не е фер. Стара жена која живее во 100м2, плаќа многу повеќе од 4 члено семејство кое живее во 60м2. Фер систем е да плаќаш колку создаваш. Тогаш ќе се размислиме дали ќе фрламе по 10 ќеси ѓубре или 1. Со наплата по килограм или волумен (м3) ќе се поттикне селектирање и реупотреба кај граѓаните, а воедно и преиспитување на потрошувачката.

Јовановски ја потенцираше важноста на интеграција на неформалните собирачи на отпад, како и предлог моделот за собирачи од врата до врата. Гоу Грин создаде нов стандард на занимање „Собирач и постапувач со отпад“ каде неформалните собирачи преку скратена образовна програма со што ќе добијат занимање „собирач на отпад“. Потоа да се поттикнат граѓаните да го селектираат отпадот во нивните домови со системот „од врата на врата“. Приходот на собирачите, идеално би одел преку трансакциска сметка, на дневна основа. Системот се покажа дека може да функционира успешно доколку има волја од сите засегнати страни, искуство кое Гоу Грин го стекна со проектот „Ја собираме пластиката од дома“.

Зелената економија и зелените работни места треба да се во суштинскиот развој на државата – клучното прашање е: Како да се одвои економскиот раст од еколошката деградација (исцрпување на природни ресурси) и емитирање на штетни емисии? “ – заврши Јовановски.

Други заклучоци и барања од координативното тело што се доставија и до Премиерот и Министерот се:

  1. Приоретизирање на Поглавјето 27 односно целосно транспонирање, имплементација и спроведување на Европското законодавство од областа на животната средина. Во оваа насока потребно е реконструкција на Министерството за животна средина, назначување на соодветни кадри за релевантните конвенции кои можат да одговорат на предизвиците и воспоставување на Фонд за животна средина, а пред се политичка волја и посветеност.

  2. Почитување на одлуките, препораките, резолуциите и  апелите на Европската Унија, Советот на Европа и УНЕСКО за:

  • Воспоставување на мораториум на урбаната трансформација и легализација на дивоградбите на територија на нашето единствено УНЕСКО подрачје – Охридскиот регион (согласно Одлука 41 KOM 7B.34 на УНЕСКО), и

  • суспендирање на сите хидроенергетски проекти, особено т.н. мали хидроелектрани  на територија на НП Маврово (согласно препораката 184 од 2015 година на Советот на Европа).

  1. Поништување на тендерот за доделување на концесии за вода за мали хидроцентрали. Тендерот е во спротивност со домашното и меѓународното законодавство и не треба да се објавува пред донесување на новата стратегија за енергетика која е во изработка.

  2. Законот за Национален парк Маврово да се подготви во соработка со експертите од Бернската конвенција кои ја најавија својата посета во Македонија во мај годинава. Владата треба да го почека експертското мислење за законот пред истиот да се донесе.

  3. Координативното тело бара амбициозни мерки во планот за справување со аерозагадувањето во линија на препораките на СЗО и комплетна политичка одговорност од сите надлежни и вклучени институции во неговата реализација.

  4. Да не се планираат согорувачи (инценератори) за правење електрична енергија од отпад во регионалните депонии. Таквиот вид индустрија е во спротивност со принципите на превенција, реупотреба и рециклирање.

Координативното дело ќе остане во контакт со Кабинетот на Премиерот и со официјално писмо ќе ги достави своите конкретни барања од посебните области.

Извор на фотографија: Галерија на Влада на Република Македонија (https://vlada.mk/node/16715)