На 20 ноември (вторник), здружението „Гоу Грин“ одржа панел дискусија на тема “Вклучување на неформалните собирачи на отпад во одржлив систем за управување со отпад во Град Скопје“. На панел дискусијата се дискутираше за состојбата со собирачите на отпад и начини за нивно интегрирање во системот, кои имаат многу значајна улога, а моментално се неформални и нелегално ја обавуваат својата дејност.

       

Како инпут за дискусијата беа резултатите и искуствата од пилот проектот „Ја собираме пластиката од дома“, во кој беа вклучени 384 домаќинства од населба Лисиче. Искуствата од проектот покажаа дека домаќинствата имаат желба да го селектираат отпадот и со тоа да помогнат на собирачите на отпад. Исто така се утврди дека граѓаните би имале поголема доверба во собирачите доколку се тие соодветно означени и легитимирани. На настанот исто така се презентираше и новото занимање „Собирач и постапувач со отпад.

 

„Собирачите на отпад мора да се препознаат во системот за управување со отпад и со новото занимање се дава правна основа на нивната дејност. Преку занимањето ќе се едуцираат и ќе се вклучат во услуга „од врата на врата“ што значи дека собирањето ќе се врши директно од домаќинствата и фирмите кои ќе вршат примарна селекција на отпадот и ќе го предаваат на формалните собирачи“ – изјави Антонио Јовановски, извршен директор на здружението „Гоу Грин“.

 

На настанот присуствуваа Министерството за животна средина, собирачи на отпад, здруженија, колективни постапувачи и рециклатори на отпад. Од Министерството за животна средина и просторно планирање сметаат дека ниту еден иден систем за постапување со отпадот не треба да ги игнорира неформалните постапувачи и дека треба да се најдат соодветни начини според кои тие ќе добијат одредени средства за работа, ќе им се обезбедат безбедносни услови и исто така ќе се најдат во целиот синџир на примарна селекција, собирање, транспортирање и отстранување на отпадот, се во насока да се намалат вкупните количини на отпад за отстранување.

 

„Кога ќе се формализира системот за интегрирано регионално управување со цврст отпад, ќе треба да се најде место и на неформалните собирачи на отпад кои во овој момент во отсуство на регулирани услови за нивно дејствување работат под тешки услови и во одредени ситуации ја намалуваат безбедноста во сообраќајот“, вели Ана Петровска, државен секретар при Министерството за животна средина.

Настанот се одржа во склоп на „Европската недела за помалку отпад“ и претставуваше завршен настан на пилот проектот „Ја собираме пластиката од дома“, кој беше поддржан од Градот Скопје.