Во рамки на проектот “Направи Сам” започна да се одржува курс за изработка на макета од зелена населба со чист воздух. Идејата зад програмата е да ги инспирира младите ученици да преземат акција и да научат повеќе за аеозагадување и мерките кои се потребни за да имаме чист воздух.

Преку програмата ќе направат макети од згради и ќе научат за енергетската ефикасност, ќе изработат ветерница и ќе постават соларни панели на покривите, и ќе научат за обновливите извори на енергија, ќе постават канти за селектирање на отпад и ќе изработат објект за рециклирање на отпадот, и ќе инсталираат трамвај, велосипедски патеки и ќе научат за електричниот транспорт. Воедно, истата е наменета за младите ученици да ги развијат своите практични вештини и да станат љубопитни за занаетите и стручното образование кое е неопходно за да живееме во „зелени населби“ со чист воздух кои се отпорни на климатските промени.

Програмата се спроведува како пилот проект во три основни училишта на територија на Град Скопје. Во основните училишта “Мирче Ацев” и “Невена Георгиева-Дуња” веќе се одржаа првите часови од програмата. Во текот на седмицата, прв час ќе се одржи и во ООУ “Љубен Лапе”.

Првиот час од програмата започна со запознавање со програмата “Направи Сам” и активностите кои ќе следат. За време на часот обучувачите ги учеа младите за аерозагадување, причини за загадувањето на воздухот и ефектите од истото врз околината и човекот.

Наредниот час од програмата ќе биде посветен на енергетска ефикасност и на изграда на макети на куќа и зграда во кои ќе биде нагласена изолацијата како суштински елемент на секој енергетско-ефикасен објект.

Програмата е отворена и за други заинтересирани училишта кои што би сакале да се вклучат како дел од истата. Во програмата се очекува да се вклучат и поддржат фирми од засегнатите сектори (градежен, соларен, отпад, зеленило) бидејќи токму ним ќе им биде потребна едуцирана и квалитетна работна сила за успешна имплементација на мерките и активностите за почист воздух и отпорност кон климатските промени.

Сите основни училишта, општини или компании од соодветните сектори кои би сакале да се вклучат во програмата може да ја контактираат Анамарија Велиновска  anamarija@bidizelen.org или 02/3112254

This slideshow requires JavaScript.

 

Овој проект е финансиран од Европската Унија, програмата за доделување грантови на проектот „Промени за одржливост“ финансиран од ЕУ, а спроведуван од Гоу Грин Скопје, односно Конект во партнерство со Фондација Аполонија и Центарот за даночна политика.