Визија 2030: Go Green е меѓународна, младинска, еколошка организација која овозможува образование за климатски промени и презема акција за нивно ублажување и прилагодување. Овозможуваме систем за поддршка за млади и ранливи групи и се грижиме за нивната благосостојба во процесот на социо-еколошка трансформација на заедниците.

[Go Green е меѓународна, младинска, еколошка…]

Меѓународна значи дека имаме регистрирано организациии во повеќе земји. Моментално имаме регистрирано Go Green организации во Белгија и Хрватска, со седиште во Брисел, односно Осијек (и работиме на проширување во други држави). Меѓународна исто така значи дека работиме во рамки на Ерасмус+ програмата и имаме меѓународни проекти и партнерства со организации од цела Европа и пошироко.

Младинска значи дека младите се носители на проектите и одлуките во организацијата и се дел од нашите извршни и управни тела. Младинска значи дека младинскиот сектор е важен за нашата организација и сме релевантен дел од младинските мрежи и застапување на интересите на младите пред институции и други важни чинители.

Еколошка значи дека заштитата на животната средина и климатските промени ни се основата на нашата работа. Кога работиме со млади и образование, ги гледаме низ перспектива на еколошко освестување и нивно вклучување во еколошките политики. Еколошкиот сектор вклучува води, воздух, отпад, климатски промени, природа, почва итн.

[…која овозможува образование]

Образованието го гледаме како клучно за еколошко освестување и суштествена промена во едно општество. Работиме на „зазеленување“ на формалното образование и неформалното образование.

Формалното образование значи влијание врз политиките и образовните програми, а неформалното образование вклучува тренинзи, обуки, семинари, работилници.

[… за климатски промени и презема акција за нивно ублажување и прилагодување.]

Климатските промени се најсериозната закана на 21-ви век и последиците од истите (суши, поплави, пожари итн.) сериозно ќе влијаат врз општествата и начинот на живот на луѓето. Затоа се залагаме, покрај образование, и за преземање конкретна акција за ублажување и прилагодување.

[Овозможуваме систем за поддршка за млади и ранливи групи..]

Во услови на криза (здравствена, економска, еколошка) најмногу се погодени младите и ранливите групи (сиромашни, лица со попреченост, неформалниот сектор итн.) кои најмалку придонеле за овие кризи. Затоа е важно да се овозможи систем за поддршка за истите за нивна инклузија, образование, вработување итн.

[..и се грижиме за нивната благосостојба..]

Благосостојбата ни е важна тема и за младите и за ранливите групи бидејќи покрај еколошкото освестување, инвестираме во нивен личен развој, ментална стабилност, емоционална интелигенција, издржливост и активно учење.

[..во процесот на социо-еколошка трансформација на заедниците ]

Социо-еколошка трансформација води кон еколошка одржливост и правична транзиција со принципи на социјална еднаквост и правда. Со други зборови, при заштита на животната средина и справување со климатските промени, се залагаме заедниците да се зајакнат, ранливите групи и обичниот граѓанин да бидат активно вклучени и да имаат социјални и економски придобивки.