На 3ти декември во просториите на Универзитетот за Туризам и менаџмент  – Скопје, Гоу Грин во соработка со Француската амбасада во Скопје и асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“ организираа младинска конференција на тема „Циркуларна економија: Кон „Нула отпад“ и младинско вработување“. На конференцијата се организираа две панел дискусии кои имаа за цел да го доближат концептот на циркуларна економија и да развијат дебата за нејзината практична примена.

Првата панел дискусија, насловена „Редефинирање и адаптирање на економијата во време на климатски промени“ ја започна дебатата за реалноста на македонската економија и како може да се следи примерот на поразвиените земји. Свој став на темата изнесоа г-динот Бертранд Милет од Француската амбасада во Скопје, г-ѓа Даринка Јантинска од Министерството за животна средина и просторно планирање, г-ѓа Бранкица Анѓелеска од Екоцентар-97 и проф. Анета Васиљевиќ – Шикалеска од Факултетот за Бизнис и Економија.



Г-динот Милет во своето излагање се осврна на постоечката ЕУ регулатива кој го регулира управувањето со отпад и ги поставува основите за циркуларна економија преку усвојување на Пакетот за циркуларна економија на 2 декември 2015 година. Тој наведе дека со иновативни процеси на прозиводство, квалитетно информирање на јавноста и подобрување на процесите за управување со отпад, Еворпската Унија има за цел да го зголеми бројот на работни места и да го зголеми БДП-то за 7%. Што се однесува на случајот на Франција, Парламентот веќе има усвоено пакет легислатива за зелен развој кој го опфаќа и концептот за циркуларна економија, нешто што не постои во Македонија. Г-ѓа Даринка Јантинска се надоврза на потребата за реформа на многу закони и легислатива за да се акомодира концептот на циркуларна економија во системот на државата. Беше посочено дека државата има проблеми со рециклирање на отпадот, а овој проблем ќе се решава преку усвојување на нов закон за управување со отпад. Тоа ќе представува голема можност да се промени свеста кај институциите за повеќе рециклирање, забрана за примена на одредени хемикалии но и примена на технологии кои ќе го осигураат функционирањето на законот. Како представник на компанијата Екоцентар-97, Бранкица Анѓелеска ги изнесе тешкотиите со кои се соочуваат компаниите за рециклирање. Со отворање на центри за рециклирање во државата, значително ќе се подобри работата на ваквиот тип на компании но за жал во Македонија сеуште недостасува желба и ангажман од страна на институциите овие центри за рециклирање да станат реалност. Таа исто така го посочи фактот дека најголемиот број на компаниите за рециклирање најчесто се формирани од тип на јавно-приватно партнерство, па има голема можност и потреба младите да формираат приватни копмании кои би навлегле на овој пазар. Една од главните теми кои беа постојано споменувани на панел дискусијата од сите панелисти беше и образовниот процес, па затоа проф. Анета Васиљевиќ – Шикалеска дебатираше за потребата од целокупно интегрирано образование со цел да се создаде кадарот за имплементирање на циркуларната економија во нашето општество. Поразителни се бројките на студенти кои се запишани на Машинскиот факултет на смерот за обновливи извори на енергија, а Факултетот за Бизнис и Економија кој во својата програма има смер еколошки менаџмент исто така се бори да привлече студенти кои би биле заинтересирани за овој тип на наука. Затоа се неопходни мерки за подигање на свеста кај младите за овој тип на образование и поголема ангажираност на институциите за промени во образовниот процес на ниво на средно образование.



Панел дискусијата се заврши со неколку коментари и прашања поврзани со сериозната важност на образовните процеси во насочувањето на младите кон нови идеи и технологии за вработување и имплементирање на концептот на циркуларна економија. Но од друга страна се изложи потребата од поголема свест кај институциите за промена на легислативата која не го зема предвид алтернативното економско функционирање од досегашното. Иако циркуларната економија веќе почнува да се пробива на Европско ниво и пред се во Франција, тоа не е воопшто познато во Македонија.