Кампањата „Go Green for Climate“ има за цел да ја развие свеста кај младите за климатските промени и да ги промовира барањата од граѓанскиот сектор пред престојниот Самит за климатски промени на Обединетите Нации (ОН), кој се одржува во Париз, Франција од 30-ти ноември до 11-ти декември. Кампањата опфаќа едукативни предавања во училиштата, филмски фестивал, инфо-штандови со промотивни материјали, фејсбук и инстраграм фото кампања. Секој може да се приклучи на кампањата и да организира активност за едукација и/или промоција. Доколку сакаш и ти да се приклучиш на кампањата, испрати е-маил на cvetko@bidizelen.org со хаш таг #GG4Climate и ќе ти бидат испратени едукативните и промотивни материјали со кои ќе можеш да организираш одредена активност.

Гоу Грин ќе биде дел од официјалната делегација на Самитот и воедно ќе има и свои претставници на конференцијата за млади.  Барањата за кои Гоу Грин се залага се следните:

  1. Законски обврзувачки договор за 100% обновлив енергетски систем 
Бараме Протоколот на ОН во Париз да биде правно обврзувачки и применлив за сите држави со соодветна меѓународна климатска акција, кој ќе стапи веднаш на сила. Договорот да се фокусира на енергетска транзиција до 100% обновлив енергетски систем и да вклучува план за елиминирање на субвенции и инвестиции за фосилни горива, односно целосен прекин на употреба на фосилни горива до 2050. Договорот да вклучува и финансиски план за загуба и штети, и со кој ќе се даде финансиска поддршка за транзицијата до 100% обновлив енергетски ситем на земјите во развој.
  1. Заштеда на природните ресурси и енергетската ефикасност како клучни фактори за трансформацијата
Бараме заштедата на природните ресурси и енергетската ефикасност да бидат приоритети на оваа суштинска трансформација на нашето општество. Ретките природни ресурси стануваат уште поретки со порастот на населението и прекумерната потрошувачка. Политичарите треба да креираат политики со кои ќе се насочи работата на корпорациите и развојот на менталитетот на луѓето според еколошки и општествени критериуми, како и критериуми за добро владеење. Бараме политики и инвестиции кои ќе ги загарантираат одржливото управување и ефикасната употреба на природните ресурси и ќе целат кон достигнување на „нула отпад“ во депониите до 2050.
  1. Вклучување на младите и прилагодување на образовниот систем
Бараме младите да бидат активно вклучени во процесот на носење одлуки и нивно учество во создавањето и спроведувањето на мерките за адаптирање и ублажување кон климатските промени. Младинските организации како: Младински европски форум, Националните младински совети, Еколошките младински мрежи итн. треба да се консултираат и вклучуваат во процесот на развој и спроведување на климатските и енергетските политики. Образовниот систем мора да се прилагоди на побарувачката на пазарот на трудот на чистата енергија, којшто ќе отвори над 3 милиони работни места до 2020 само во Европа. Образовниот систем мора да обезбеди доволен број на „зелени“ експерти, со цел да ја достигне и да ја одржи успешната енергетска транзиција на долг рок.
  1. Енергија на народот, од народот за народот 
Бараме признавање на едно од човековите права, да секое лице може да произведува, троши и складира енергија со сопствените расположливи ресурси, исто како што може да сади, одгледува, јаде и продава зеленчук од сопствената градина. Бараме Протоколот на ОН да создаде рамка со којашто ќе се овозможи транзиција во децентрализиран енергетски систем, односно централизираните корпорации ќе се заменат со нови учесници кои ќе ја произведуваат и трошат сопствената енергија (prosumers), задругите за обновлива енергија и општинските електроцентрали во сопственост на локалната заедница.
  1. Намалување на стакленичките гасови од транспортниот сектор
Бараме усвојување на политики и стратегии кои ќе ги намалат емисиите на стакленички гасови од превозот. Покрај порастот на населението, идната побарувачка на енергија ќе биде предводена од транспортниот сектор, односно патниот и воздушниот сообраќај. Силно веруваме дека политиките и инвестирањето во алтернативни превозни средства, како железницата и велосипедите, се вистинскиот пат до здраво и одржливо нискојаглеродно општество.
  1. Човекови права и солидарност за зацрврстување на меѓународната соработка
Поплавите, сушите и земјотресите нема да запрат на политичките граници. Последиците од климатските промени за брзо ќе станат посериозни и мигрантите ќе бидат многубројни. Според последните истражувања, ќе има околу 200 милиони еколошки бегалци до 2050 година. Човековите права и солидарноста треба да бидат во центарот на процесот на интеграција. Очекуваме дека Протоколот на ОН ќе ги доближи земјите и ќе создаде механизам кој ќе овозможи регионално зајакнување и меѓународна соработка на сите нивоа.
 
 
Самитот за климатски промени на Рамковната конвенција на Обединетите Нации (ОН), претставува најважниот политички настан за климатски промени на кој делегации од преку 190 земји ќе преговараат за план за справување со климатските промени. Секоја земја има подготвено документ со придонеси кон климатските промени, а Република Македонија, има намера да придонесе со намалување на емисиите на јаглероден диоксид од согорувањето на фосилни горива за 30%,односно за 36% при повисоко ниво на амбиција, до 2030 година во однос на референтното сценарио. Целосниот документ кој Република Македонија го поднесе до ОН може да го преземете на www.klimatskipromeni.mk.

Кампањата #GG4Climate е поддржана од Амбасадата на Франција во Република Македонија и програмата за децентрализирана соработка помеѓу Република Македонија и Долна Нормандија.