Махатма Ганди рекол: „Најдобар начин да се најдете себеси, е да се изгубите во служба на другите“. Волонтирањето затоа и заслужува внимание не само еден ден, туку секој ден од годината. Работата на волонетрите насекаде е за почит и пофалба. Тие се мотивирани луѓе кои сакаат да направат промена и добро во заедницата.

Затоа горди сме на нашите волонтери, на сите оние кои посветиле барем една минута на растење на организацијата, организирање активности, читање мејлови итн. Горди сме кога нивниот успех во животот се темели на волонтирањето во Гоу Грин.

Оваа година, иако во ограничени и отежнати услови, успеваме да работиме вредно со нашите волонтери и пресреќни сме што тие не’ одбраа нас како организација каде ќе го посветат нивното драгоцено време. Среќни сме што ги имаме Елена, Кристина, Ева, Борјан, Андреј и АнаМарија во Гоу Грин.

Главната причина поради која волонтирам е бидејќи така имам можност да направам некоја промена во моето општество. Научив креативно да размислувам, да превземам акција кога тоа е потребно и најважно од се научив колку е важно да се работи како тим.Сметам дека волонтерството е одлична шанса за една личност правилно да се изгради и да стекне многу убави искуства. Би го препорачала на сите ентузијасти кои сакаат да направат нешто повеќе за себе и околината. Гоу Грин ја препорачувам на секој кој е заинтересиран да научи нешто повеќе или да направи некоја промена во својата околина. – Кристина Цоковска

Отсекогаш сум ја сакала природата и сум се грижела таа да биде заштитена и негувана, токму поради ова во 2018та година станав волонтер во Go Green. Ги поттикнувам сите оние кои се страсни за одредена кауза, да започнат со волонтирање и активно да влијаат да се направи саканата промена во нивното општество. Преку волонтирањето не само што добивате знаење во најразлични области, туку и стекнувате нови пријателства, водите значајни разговори и правите промена. Волонтирањето како искуство ве менува вам и вашиот светоглед. – Елена Штерјова

Волонтирам во невладиниот сектор уште од 8 одделение. Волонтирањето за мене претставува придонесување кон некоја поголема цел. Тоа што ти како индивидуа правиш нешто мало кое е толку многу значајно за некој, е чувство кое не се споредува. Моментално сум вклучена во иницијативата #Селектирам во мојата зграда чија цел е да се постават канти за селекција на секундарни суровини низ згради околу Скопје. Со секоја нова ситуација, со секоја нова препрека која треба да се помине работејќи на некој проект учиш толку многу, стекнуваш искуство кое е многу голем дел за тебе за развивањето на тебе како човек. Тоа се искуства кои никогаш нема да ги сретнеш во училште и затоа и целото волонтирање е еден вид неформално образование кое би го препорачала секому. – Ева Стојчевска

Во Гоу Грин сум веќе 3 месеци и за мене претставува прво волонтерско искуство преку кое се стекнав и сеуште се стекнувам со нови знаења од областа на климатските промени и екологијата како и важноста за нивно изучување уште од најрана возраст. Моментално работам на истражување од областа на енергетска ефикасност, односно примена на сончевата енергија во средните училишта во Скопје, кое што е одличен пример за младите генерации во поглед на искористување на обновливите извори на енергија. Сметам дека ГГ е супер организација за почеток на волонтерство, бидејќи преку забава и дружба секојдневно се учат нови работи, па поради тоа топло би ги препорачала на сите кои се заинтересирани за проширување на своите знаења во областа на екологијата. – Ана Марија Србиновска

Како волонтер во GoGreen сум околу два месеци и се придружив поради желбата да се подигне свеста како и акцијата на луѓето во нашата држава,а со надеж и пошироко. Од почеток се осетив добродојден и како дел од друштвото. Помагам околу графичкиот дизајн моментално со желба за понатамошен придонес во делот на маркетингот и комуникациите. – Андреј Стефановски
Волонтирам во извршната канцеларија на ГГ, помагам во медиумското претставување на ГГ, особено на социјалните мрежи. Волонтирам затоа што сакам да сум дел од овој скоп на убави луѓе кои се борат за промена, за подигнување на еколошката свест, но најважно, ја шират пораката дека промената во општеството започнува од поединецот. Врз основа на времето кое го имам поминато како волентер можам да кажам дека ГГ е одлична организација за волонтирање. Волонтирање е одличен начин за корисно трошење на слободното време. Сметам дека овозможува да се погледне на светот од малку поразличен агол. Дефинитивно препорачувам да се волонтира! Волонтирајте во било која организација и запомнете, промената започнува од нас самите! – Борјан Кочковски