Гоу Грин: Зошто го направи тој избор, зошто таа професија?
По многу неуспеси во музиката почувствував потреба да се занимавам со нешто комплетно различно од музиката, па така и избрав нешто многу поразлично, како што е градежништвото. Имав потреба од физичка работа која не е поврзана со уметноста затоа што чувствував дека стагнирам. Имав потреба да го ослободам мојот дух и душа од внатрешен притисок и тоа многу добро ми успеа. Секојдневно бев опкружен со луѓе кои трудољубиво и дисциплинирано ја работеа својата работа и тоа и мене ме мотивираше да учам. Заборавив на сè што ме мачело сите претходни години и го најдов својот мир и својата спокојност токму во таа професија. После тоа, на сосема поинаков начин можев да ѝ се посветам не само на музиката, туку и на животот и начинот на кој го гледам животот и на кој се гледам себеси. Искуството во градежништвото дефинитивно ми беше многу драгоцено и придонесе за успехот што следуваше понатаму.
Тоа искуство имаше огромно влијание врз откривање на самиот себеси, врз мојата дисциплина, снаодливост во секоја смисла и секоја животна ситуација. Животот е многу краток и треба да знаеме како да го искористиме секој миг и да веруваме во она што го правиме. Јас верував дека ќе станам важен дел од таа фирма и дека еден ден ќе можам да преземам голема одговорност. Тоа се случи и поради тоа научив многу корисни работи кои никој не може да ми ги одземе. Тоа што сега го поседувам како знаење и вештини од тоа искуство е мое, тоа сум јас. Научив животни вештини кои се секогаш со мене каде и да одам, горд сум на сè што научив во таа професија и во таа фаза од мојот живот.
Гоу Грин: На каков начин мислиш дека младите во Македонија можат да го добијат тоа слично искуство?
Пред сè би им препорачал чесност, посветеност и љубов према сè што прават, бидејќи само така ќе стигнат до своите цели. Мора да веруваат во себе и да се упорни. Размислувајте позитивно, бидете оптимисти и имајте самодоверба – тоа се клучните фактори за успех со што и да се занимавате. Најдете прилика нешто да научите во сè што правите, бидејќи тоа еден ден ќе ви се најде. На крај, во животот секогаш е најважно искуството, па затоа борете се за знаење и искуство бидејќи тоа ќе ве одведе на вистинскиот пат!
Кампањата „Фати се занает“ е одлична иницијатива од Гоу Грин за да ја поттикне свеста кај младите од учењето на „занает“ и ми е мило што можам и јас да биде дел од неа. Од срце им препорачувам на сите млади да научат занает, да се приклучат на обуките кои се организираат, бидејќи ќе се стекнат со вештини за цел живот!



