„Го разбирам светот, ама загадено Скопје ми нема смисла“ – би  рекол Гоце Делчев за загадувањето на главниот град, овој пат неговата порака е пренесена преку иницијатива на младите активисти на ГоуГрин.

Акцијата за подигнување на свеста за аерозагадувањето „Т’га за воздух“ е организирана од еколошката младинска организација Гоу Грин, и е поддржана од Националниот младински совет на Македонија. Таа е исто така дел од кампањата „Мрдни со прст“, чија цел е подигнување на јавната свест за различните можности преку кои секој поединец може да придонесе во својата заедница. Акцијата започна на почетокот на месец февруари со одржување на две работилници за подигнување на свеста кај младите за проблемите од аерозагадувањето и креативно изразување.





Целта на иницијативата е да се актуелизираат проблемите на креативен начин, да се подигне јавната свест за загаденоста на воздухот и да се изрази копнежот на граѓаните за чист воздух.



Гоу Грин ги започна своите иницијативи за алармирање на загадениот воздух уште во 2010 година кога го организираше првиот марш со гас маски. Од тогаш се одржаа пет протести против загадувањето на воздухот и беа предложени краткорочни и долгорочни мерки за намалување на загадувањето до надлежните институции. Сепак гас-маските станаа претпознатлива опрема за граѓаните на Скопје, бидејќи решение за загаденоста на воздухот сеуште нема.