Младинската еколошка организација Гоу Грин во соработка со Амбасадата на Франција во Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање и УНДП во Скопје организираа дебатна средба во врска со резултатите од Париската конференција на Обединетите Нации за климатски промени. Самитот за климатски промени на Обединетите Нации се одржа од 30 ноември до 11 декември во Париз со цел постигнување на глобален договор за намалување на последиците од климатските промени.
Дебатата се одржа во ЕУ Инфо Центарот во Скопје на 15ти декември, 2015 година.
Оној момент кога на глобално ниво ќе влезе во сила договорот постигнат на Самитот за климатски промени на ОН, што се одржа во Париз, ќе мораме на секои пет години да праќаме извештај за тоа во квантитативна смисла колку придонесуваме и кои акции ги спроведуваме да придонесеме за намалување на климатските промени односно преку посредни индикатори да докажеме дека навистина се движиме по една патека на ниско јаглероден раст.
Ова денеска го истакна државниот советник за климатски промени во Министерството за животна средина, одговорна за преговорите од Македонија, Теодора Обрадовиќ Грнчаровска, која укажа на неколку значајни точки од договорот.
– Тоа значи дека климатските промени се поставуваат на едно повисоко ниво, со еден холистички пристап на сите засегнати сектори. Се дозволува пик на емисиите на концентрациите на стакленичките гасови до одреден период кој потоа мора да се намали што значи полека напуштање на ерата на фосилните горива и засилена примена на обновливите извори на енергија. Во преамбулата на договорот стои дека 100 билиони евра се задолжуваат развиените држави да помагаат на помалку развиените држави за намалување на последиците од климатските промени, додаде Обрадовиќ Грчаровска.
Претставникот на младинската еколошка организација Гоу Грин, Антонио Јовановски истакна дека граѓанскиот сектор бил критичен во однос на некои ставки во договорот поради тоа што транспортот како да се игнорира, а е дефинитивно голема побарувачка за енергија.
– Тоа може да се преслика и во Македонија, значи во однос на транспортот тоа е нешто што може да се ограничи и да се организира на различен начин. На најранливите семејства треба да им се дадат субвенции додека не дојде моментот на гасификација. Во однос на транспортот и автомобите треба да се ограничи барем централното подрачје каде е најзагадено. Зелените површини се една од работите која може да придонесе на краток рок, а на среден рок мора да се планираат инвестиции за одржлив развој, за ниска јаглеродна економија и за намалување на загадувањето, додаде Јовановски.
Диминик Готје, заменик француски амбасадор, рече дека за Франција бил вистински предизвик да го организира Самитот за климатски промени на ОН, на кој присуствувале голем број шефови на држави и бројни делегации.
Посочи дека на Самитот бил постигнат договор околу кој се сложиле околу 190 земји, кој има обврзувачки карактер и биле воспоставени механизми за да се постигне основната цел, а тоа е намалување за два степена на глобалното затоплување или можеби за 1,5 степени ако навистина за тоа сведочат резултатите кои беа објавени.
Готје ги поздрави напорите кои ги прави Владата на Република Македонија со самото присуство, но и вклученост во работите и преговорите во текот на конференцијата, со присуството на претседателот Ѓорге Иванов и на министерот за животна средина Нурхан Изаири.
– Сега ни претстои многу работа која беше договорена во текот на конференцијата. Се надевам дека државите ќе го исполнат ветеното односно ќе ги спроведат обврските кои ги презедоа на таа конференција, додаде Готје.
Панел дискусијата е дел од проектот „Младите за пониски емисии за ЦО2“ поддржан од Француската Амбасада во Скопје и програмата за децентрализирана соработка помеѓу Република Македонија и регионот на Долна Нормандија.