„Kако ова парче облека стигнало тука?”- ретко кој помислува на ова при влегување во омилена продавница за облека. Секојдневно без размислување купуваме парчиња облека невино, не знаејќи дека всушност сме соучесници во едно од најголемите криминални дела во светот. Станува збор за криминален акт против планетата Земја, но и акт против самите себе.
Текстилната индустрија, иако слабо застапена во Македонија, се наоѓа на второ место на листата на најголемите загадувачи во светот. Процесот на приготвување на облеката, евтината работна рака која работи на истата, како и транспортот за таа да стигне до нашите локални бутици севкупно прави еден круг на константно штетење на природата и целиот жив свет околу нас. Но, ако тоа не е доволно, хемиските супстанции кои се наоѓаат во неа имаат негативен ефект и на нашето лично здравје. Се создава круг кој константно се врти и кој единствено може да застане ако ние почнеме да преземаме мерки. Промената започнува со секој од нас. Затоа можеби прикажувањето на вистинитиот опис на животниот тек на едно парче облека ќе успее да ја поткрене свеста за оваа тема.

Лошиот ефект врз животната средина се појавува од самиот почеток со создавaњето на материјалите од кои е направена облеката.Според истажувањето направено за документарниот филм “The true cost“, при изработка на повеќе од 50% од продуктите од текстилната индустрија се користи памук, од кој 90% е генетски модифициран, а проблемот е во тоа што при неговото одгледување потребна е употреба на големо количество пестициди. Под називот пестициди подразбираме повеќе видови на хемикалии, вклучувајќи хербициди, инсектициди, фунгициди, кои имаат висока стапка на токсичност, а дури 25% од вкупната нивна употреба е токму во текстилната индустрија. Освен што ја загадуваат водата за пиење и почвата за одгледување на храна во местата каде што се расте памукот, тие имаат и огромно негативно влијание врз човекот кој ги прима преку контакт на кожата со облеката. Други материјали кои се користат се полиестер и најлон, чие производство вклучува големи количини на сурова нафта која ослободува опасни хемикалии во атмосферата, вклучувајќи и кисели гасови како хлороводород.
По спроведување на анкета почнувајќи од 28 март 2017 година на тема текстилна индустрија преку прашањата заклучивме дека свеста меѓу жителите на Македонија за опасните последици на истата е на релеватно ниско ниво со оглед на тоа што повеќе од 67% од испитаниците на скала од 1-10 (1- минимална стапка,10 – максимална стапка на токсичност) ја оценија оваа индустрија со помалку од 5.

Дали ќе размислите два пати пред да решите дека повторно ви е потребен шопинг?
Автори: Бјанка Калајџиска, Надица Банишка, Бјанка Илиевска и Наталија Василевска. Илустрација: Нора Николоска

