Контекст
Green Spirit Prespa е проект финансиран од Европската Унија а спроведуван од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина ГОУ ГРИН Скопје (носител на проектот) во партнерство со здруженијата Духот на Преспа, Рурални жени од Преспа и Националната асоцијација за дојдовен туризам на Македонија. Проектот се спроведува во периодот од 1 јуни 2024 до 30 ноември 2026 година на територијата на Преспа, Македонија.
Општа цел на проектот Green Spirit Prespa е подобрен социо-економски развој заснован на одржлив еколошки туризам во регионот на Преспа кој генерира можности за зелени работни места за младите и жените. Проектот има три специфични цели: да се диверзифицира понудата за одржлив еко-туризам и со тоа да се генерираат зелени работни места; да се промовира Преспа како четирисезонско туристичко место и да се зголеми интересот за дојдовен туризам во регионот; да го зајакне здружението Рурални жени од Преспа и да ги подобри капацитетите на здружението Духот на Преспа, а со тоа и да ги подобри иницијативите предводени од жените за културно и еколошки зачувување на Преспа.
Спроведувањето на проектот и проектните активности, вклучувајќи ги и процедурите за набавки во рамки на овој проект, мора да бидат во согласност со одредбите и правилата пропишани во потпишаниот договор за грант, правилата и процедурите на донаторот – Европската Унија, правилата и процедурите на носителот на проектот, како и националното законодавство во земјата во која се спроведува проектот.
Со цел носителот на проектот да се осигура дека спроведувањето на овој проект е во согласност со процедурите, барањата и правилата на донаторот и националното законодавство, проектот објавува отворен повик за избор на правен експерт кој ќе обезбедува советодавна поддршка. Правниот експерт ќе биде координиран и надгледуван од проектниот менаџер.
Цел на работната задача
Целта на оваа работна задача е да се избере правен експерт кој ќе го следи спроведувањето на набавките на добра и услуги во рамки на проектот и ќе обезбедува советодавна поддршка за носителот на проектот со цел соодветно да бидат испочитувани процедурите, барањата и правилата на донаторот и националното законодавство.
Правниот експерт ќе игра улога и на обучувач и ментор и ќе ги јакне организациските капацитети на носителот на проектот во областа на спроведување и документирање на набавка на добра и услуги.
Опис на работните задачи
Правниот експерт ќе ги има следните задачи и одговорности:
- Да спроведе еднодневна обука за вработените во организацијата носител на проектот за правилата и процедурите за набавки во согласност со барањата на донаторот и националното законодавство;
- Да обезбеди менторска поддршка во спроведување на три набавки на добра и услуги за потребите на проектот;
- Да ги следи и надгледува сите набавки во текот на спроведувањето на проектот со цел истите да бидат спроведени и документирани во согласносто со правилата, процедурите и барањата на донаторот и на националното законодавство.
- Да обезбедува поддршка при спроведување и документирање на други правни процедури во рамки на спроведувањето на проектот.
Времетраење на работниот ангажман
Планирано е работниот ангажман да започне во септември 2024 и да трае до 30 ноември 2026.
Потребни квалификации и искуство на кандидатите
Правниот експерт треба да ги исполнува следниве услови:
- Универзитетска диплома;
- Најмалку 7 години работно искуство во областа на финансиско и административно работење на проекти финансирани од Европската Унија, вклучувајќи набавки на добра и услуги;
- Најмалку 5 години работно искуство во граѓанска организација;
- Најмалку 3 години работно искуство во градење капацитети, спроведување обуки, менторство;
- Познавање и искуство во спроведување на правилата и процедурите на Европската Унија за вршење набавки на добра и услуги;
- Познавање на националното законодавство за спроведување набавки на добра и услуги;
- Познавање на англиски јазик (во говорење и пишување);
- Комуникациски, презентациски и фасилитаторски вештини.
Апликантите мора да бидат независни и без било каков конфликт на интереси. Имајте предвид дека државните службеници и другиот персонал на јавната администрација не смеат да бидат ангажирани ако претходно не е добиено писмено одобрение од Договорниот орган.
Постапка за аплицирање
Апликацијата треба да содржи:
- Писмо за изразување интерес и достапност заедно со финансиска понуда.
- Биографија (CV) во ЕУ формат.
Краен рок за аплицирање е 5 септември 2024 година. Апликациите треба да се достават на greenspiritprespa@gmail.com.
Изборот на експерти ќе се врши врз основа на дефинираните критериуми. Кандидатите кои ќе влезат во потесен круг во процесот на селекција може да бидат интервјуирани. Само успешните апликанти ќе бидат контактирани и известени.
