
Климатските промени се предизвикани од човековата активност и масовно користење на фосилни горива, а со тоа и емитирање на огромни количини на јаглероден диоксид во атмосферата. Тоа придонесува до затоплување на температурата на Планетата и влијае врз ресурсите, односно нивната достапност за задоволување на основните потреби како вода за пиење, пристап до храна, енергија итн. Сиромашните и земјите во развој, особено помалку развиените земји, се особено ранливи на климатските промени, а не се воопшто спремни да се справат со шоковите врз природата, социјалниот и економскиот систем.
Што значи тоа во бројки?
Температурата на Планетата се зголемила за 1°C во споредба со прединдустрискиот период, или со други зборови : пред да започне индустриската револуција и масовното користење на јаглен.
Можеби не звучи многу, но за секој 1°C затоплување, приносот на житните култури се намалува за 5%.
Океаните се затоплуваат, мразот на Северниот и Јужниот пол се топи, а со тоа нивото на морињата се зголемува. Од 1901 до 2010, нивото на морињата се зголемило за 20цм.
Eмисиите на стакленички гасови, особено на јаглеродниот диоксид, мора да се ограничат, односно неутрализираат до 2050 со цел да се спречат неповратливи последици од климатските промени. Неутрализирање на јаглеродниот диоксид значи или да се избегне користење на фосилни горива, а со тоа и емитирање на СО2, или да се најде баланс и да се надомести за веќеиспуштените стакленички гасови во атмосферата.
Ова е можно со искористување на обновливите извори на енергија (сонце,вода,ветер), промена на потрошувачките навики и искористување на технологијата.
Кога емисиите на стакленички гасови ќе се неутрализираат, затоплувањето на Планетата можно е да се ограничи до 1.5°C.
***
Оваа објава е подготвена како дел од кампањата #GoGreenForOurPlanet, во рамки на проектот Млади амбасадори за климатски промени финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје. Мислењата и ставовите наведени во оваа содржина не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската Влада.