На 11.02.2020 година, во Клубот на пратеници во Скопје, се одржа тематската проширена седница на Одборот за Национална рамка на квалификации, на тема: квалификациите за зелените работни места.

Извршниот директор, Антонио Јовановски, изрази задоволство што зелените работни места земаат значајно место во образовниот систем и направи хронолошки осврт  на заложбите на здружението за зелените работни места низ годините, почнувајќи од првиот „Саем за зелени работни места“ организиран во 2014-та година, па се до официјалниот предлог кон Владата на РСМ во 2018 година (линк) за адресирање на младинската невработеност со зелени работни места.

Присутните на седницата дискутираа за аспектите кои треба да се запазат при изработка на методологијата за зелени квалификации и се согласија дека појдовна точка треба да биде дефиницијата која беше усвоена од работната група која беше предводена од Министерството за животна средина и здружението.

Имено, дефиниција која беше прифатена од работната група е следната:

Зелени работни места се пристојни работни места кои придонесуваат за социјална еднаквост и зачувување, обновување и унапредување на животната средина.

Од аспект на животната средина, зелените работни места придонесуваат за:

  • ефикасна употреба на ресурси
  • намалување на отпадот и управувањето со отпадот
  • намалување на аерозагадувањето
  • заштита и обнова на екосистемите
  • намалување на стакленичките емисии на гасови
  • прилагодување на последиците од климатските промени
  • зголемена енергетска ефикасност

Од аспект на „пристојноста“ и социјалната еднаквост, овие работни места се и оние кои:

  • се продуктивни
  • обезбедуваат солиден приход за работникот,
  • безбедност на работното место,
  • социјална заштита за семејствата,
  • овозможуваат личен развој и општествена интеграција,
  • овозможуваат простор за слободно изразување на своите грижи од работата,
  • им дозволува на работниците да се организираат и учествуваат во одлуките кои влијаат на нивните животи,
  • им обезбедува еднаква можност и третман на сите мажи и жени.

Присутните го изразија задоволството од прифатената дефиницијата и дискутираат дека ќе има многу дилеми при дефинирање на квалификации и индикатори бидејќи дефиницијата е широка и може да биде предмет на различно толкување во различен контекст.

Како главни заклучоци на Седницата и следни чекори кои се дефинираа беа:

  1. Изработка на Методологија за зелени квалификации;
  2. Изработка на Методологија за озеленување на постоечките квалификации;
  3. За основа за резултатите од учење (learning outcomes) ќе биде земена предвид усвоената дефиниција за зелени работни места;
  4. Ревизија на постоечките индикатори низ перспектива на зелените работни места и прифатената дефиниција.

Националниот одбор за квалификации се заложи дека процесот во изработката на методологијата ќе биде отворен и транспарентен со вклучување на различни засегнати страни.