Од 23 јуни до 27 јуни се организираа стотици настани ширум Европа за одбележање на “ЕУ неделата на одржлива енергија” со која се промовираа обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност.

   Во Македонија, Гоу Грин како дел од проектот “младите за пониски емисии на ЦО2” организираше панел дискусија, саем за млади и чиста енергија и издаде брошура на тема “Можности за студирање обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност во Македонија, Франција и Германија”.

Официјалното отворање на ЕУ неделата се одржа на 23 јуни во ЕУ Инфо Центарот со панел дискусија на која се дискутираа енергетските можности и предизвици на Македонија. Говорници беа, Карен Роше од Амбасадата на Франција, Зорица Велковска од Конрад Аденауер, Лилјана Поповска од ДОМ, Александар Дуковски од Агенцијата за Енергетика на РМ и Иван Трпески од АД ЕЛЕМ. Темите на кои се дискутираше беа декарбонизација на енергетскиот сектор, гасификацијата, хидроенергијата, енергетската ефикасност и улогата на младите и образованието за успешна енергетска транзиција. Главните заклучоци беа:

– Стратегијата за енергетика да се ревидира и да се овозможи поголемо учество на ОИЕ, особено соларната енергија

– Енергетската ефикасност треба да биде главен приоритет на државата

– Инвестициите во големите хидроцентрали да се поддржани со стручни анализи за влијанието врз животната средина од повеќе фактори и институции

– Гасификацијата е важна стратешка определба која треба да се задржи

– Младите и новите таленти во енергетиката се од суштинско значење за успешна енергетска иднина на една држава



Дискусијата се заврши со говор на средношколата Симона Наумоска од Прилеп која победи во пишување есеј на тема “Зазеленување на Македонската економија” и им порача на возрасните да го искористат потенцијалот на соларната енергија.



Како дел од неделата на 25 и 26 јуни се одржа и саем за млади и чиста енергија кој имаше за цел ги запознае средношколците и студентите со можностите за студирање “обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност” во Македонија, Франција и Германија. На саемот свои презентации имаа Машинскиот Факултет, ФЕИТ, Факултетот за бизнис економија, Шумарскиот Факултет, Регионалниот Еколошки Центар, НВО БЕСТ, Францускиот институт и Конрад Аденауер Фондацијата. Како дел од саемот се изготви и брошура која ги содржи споменатите универзитети и други од Македонија, Франција и Германија. Брошурата може да ја преземете тука. На саемот присуствуваа стотина млади луѓе кои ја потврдија важностa за организирање на ваков тип на активности.



Гоу Грин по четврти пат ја одбележува ЕУ неделата на одржлива енергија и секоја година бројот на учесници, партнери и подржувачи се зголемува со што се потврдува важноста од развојот на обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност.



Проектот “Младите за пониски емисии на ЦО2” е со поддршка на Амбасадата на Франција, Конрад Аденауер Фондацијата и ТИТАН Цементарница УСЈЕ.