По повод 5 јуни – Светскиот ден на животната средина, младинската еколошка организација Гоу Грин организираше младинска конференција која се оддржа на Универзитетот за Туризам и Менаџмент, на тема „Откријте го вашиот обновлив потенцијал“.

Младинската конференција е дел од проект подржан од Француската Амбасада во Скопје и програмата за Децентрализирана соработка помеѓу Долна Нормандија и Македонија, во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер. Конференцијата имаше за цел да стимулира едукација, практично искуство и лично развивање на младите во време на климатски промени и енергетска транзиција. Исто така, се стремеше за подигање на свеста за големата потрошувачка на ограничени ресурси кои ја носат економијата, но и ја загрозуваат издржливоста на природата.



На настанот беа презентирани резултатите од проектот „Младите на велоспиед“, се дискутираше за  создавање на нови решенија за одржлив транспорт преку редефинирање на транспортните навики на луѓето и истражувањето спроведено на територијата на Македонија и Долна Нормандија за транспортните навики на граѓаните во двата региони и нивната запознаеност со Самитот за климатски промени во Париз 2015 година. Истражувањето се состоеше од спроведување на анкети кои овозможија да дознаеме колку луѓето од Долна Нормандија и Македонија се запознаени со климатските промени и нивните последици, кој транспорт го користат најчесто и колку редовно, како и дали слушнале за Самитот за климатски промени во Париз 2015 и кои се нивните ставови.



На конференцијата свое обраќање имаа: Јоханес Раи и Даниела Поповска од Фондацијата Конрад Аденауер, Марко Соколовски, Јулијана Даскалов и Александар Трпковски од Гоу Грин, Сања Саздовска од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и Сашо Граматниковски од Универзитетот за Туризам и Менаџмент. После официјалното отварање, присутните имаа можност да посетат неколку работилници на тема „Мојата зелена кариерна насока“, „Енергетски менаџер“ и „Иновативни решенија за енергетската потрошувачка“. Преку работилниците, младите имаа можност да ги развијат своите вештини и да согледаат нови насоки за личен и професионален развој.



На самиот крај на конференцијата Гоу Грин објави конкурс на тема „Одржлив транспорт – составен дел од транзицијата кон чиста енергетска иднина во Македонија“ со што се затвори младинската конференција оддржана во чест на Светскиот ден на животната средина, 5 јуни, како дел од движењето на Обединетите Нации насловено „Седум билиони соништа. Една планета. Трошете со грижа“.