Втора година по ред, невладината организација Naturkultur го одржува тренингот за тренери “It’s up to me”. Тренингот е организиран во склоп на ЕРАЗМУС + програмата (клучна акција 1: тренинг курс) и поддржан од Германската национална агенција. 

Тренингот беше одржан од 5ти до 13ти март во Дипенау,Германија. Броеше 40 учесници од 7 различни држави, и тоа: Македонија, Германија, Естонија, Чешка, Хрватска, Грција и Турција. Од нашата земја имаше 4 учесници меѓу кои и претставник од Гоу Грин: Ивана Атанасова, Симона Тодоровска, Бранкица Василева (Гоу Грин) и Нусрет Исеини.

Главната цел беше учесниците да ги развијат или подобрат вештините кои ќе им бидат од полза за да се обликуваат во креативни тренери, кои самостојно можат да подготват и одржат одлична работилница. Во прилог на постигнување на целта, агендата на тренингот беше поставена така што од ден на ден, секоја посебна работилница се надоврзуваше и ја дополнуваше претходната.Учесниците добија можност да ги развиваат своите презентациски и комуникациски вештини, аргументација, активно слушање и сл., но голем акцент беше ставен и на креативноста. Секако, еден тренинг за тренери не би бил успешен доколку во голем дел не се вклучени симулации и вежби, па така, најчесто поделени во групи, учесниците ги спроведуваа сите информации и знаења кои ги добиваа од тренерите. Покрај сето тоа, главната задача беше на крајот на проектот секоја група да осмисли и да одржи по една работилница.

Од организациски аспект, целиот тренинг помина беспрекорно. Организаторите постојано беа во контакт и им излегуваа во пресрет на секој од учесниците. Идејата на организаторите за локацијата на проектот во мало место без интернет конекција и околни ресторани и кафулиња беше полн погодок. Токму тоа придонесе  учесниците да бидат потполно посветени на тренингот и да се формира дух на единство и поврзаност меѓу нив. Работилниците ги одржуваа четворица успешни тренери со големо искуство и уникатен стил на работа. Тоа им овозможи на учесниците увид во различни начини и пристапи, за секој од нив да може полесно да го пронајде својот. Слободните активности се состоеја од национални вечери со традиционлана храна и кратка презентација на секоја држава, тематски забави и останати активности препуштени на креативноста и иницијативноста на самите учесници.

Како заклучок, позитивни впечатоци беа присутни од двете страни, на организаторите и учесниците. Оттаму, организаторите се мотивирани да направат традиција од организирање на проектот секоја наредна година, а учесниците се мотивирани да остваруваат соработки помеѓу себе и да организираат проекти каде ќе можат да ги имплементираат вештините кои ги стекнале.