
Минатата недела се одржаа инфо-состаноци со ученици од средни училишта во Скопје, Прилеп и Гостивар. При посетата, претставници од Гоу Грин и волонтери на организацијата извршија презентација во училиштата за да ги информираат и заинтересираат учениците да се приклучат на мрежата и да формираат Биди-Зелен-Клубови (БЗК) во нивните училишта. БЗК претставува неформално здружување на ученици кои спроведуваат активности во согласност со статутот и целите на Здружението.
Заинтересираните ученици ќе поднесат барање за приклучување на мрежата на Биди Зелен Клубови и ќе предложат план и идеи за адресирање на еколошки проблеми во нивната околина. Барањата и нивниот интерес ќе се разгледува на младинското собрание (13 јуни) во Скопје, каде и официјално заинтересираните ученици ќе формираат иницијативна група. Младинското собрание е демократски механизам на мрежата на БЗК преку кој средношколците гласаат за за формирање нови Клубови, се носат плановите за работа, се бираат новите тим лидери на Клубовите итн.
Проширувањето во секоја општина се одвива по принцип 1 гимназија и 1 стручно училиште. Целта е да се воспостави соработка и учење измеѓу учениците од гимназиите и стручните училишта за да дознаат за вредноста која ја имаат со своето образование, особено од аспект на развој на зелена економија и зелени работни места.
Проектот „Еколошко образование и младински активизам“ го поддржува проширувањето на Биди-Зелен-Клубовите во рамки на Град Скопје, а проектот „Младински глас за еколошка промена во училиштата“ ја поддржува мрежата во училишта надвор од Скопје, и е поддржан од германската фондација „Хајнрих Бол Штифтунг“.
Со мрежата на „Биди Зелен Клубови“ се создава платформа за образование и активирање на средношколците за почист воздух и поздрава животна средина. Секој заинтересиран ученик или општина може да не контактира за воспоставување на БЗК на info@bidizelen.org или antonio@bidizelen.org.