Од денеска почнува акцијата за собирање на пластиката од домовите во населбата Лисиче, како дел од проектот „Ја собираме пластиката од дома“, имплементиран од здружението „Гоу Грин“ и „Ромски Бизнис информативен центар“.

Акцијата вклучува 400 домаќинства во населба Лисиче, на кои ќе им бидат доделени 2 ќеси за да ја селектираат својата пластика. Една ќеса ќе се користи за тврда пластика (амбалажен отпад од јогурт, шампон, детергент, лименки), а другата кеса за ПЕТ амбалажа (пластични шишиња за вода, сок, пиво, зејтин и оцет, односно сите оние амбалажи кои имаат знак „триаголник за рециклирање“). Ќесите ќе се собираат во одреден ден во неделата од страна на неформалните собирачи на отпад. Неформалните собирачи на отпад ќе имаат видлива идентификација.

Целта на оваа акција е да се тестира систем за услуга за собирање отпад „од врата на врата“ и да се организира собирањето на отпад на формален начин за интеграција на неформалните собирачи на отпад. Резултати кои се очекуваат со реализацијата на оваа акција се намален отпад на депонии, намалено аерозагадување, заштита на животната средина и социјална и економска инклузија (вклучување) на неформалните собирачи на отпад.

Проектот е поддржан од Градот Скопје и општина Аеродром.