Опис на работни задачи за експерт за организациски развој     

Контекст 

Овој повик е објавен во рамки на проект „Strenghtening aliances for sustainable urban mobility“, финансиран од фондацијата Хајнрих Бол, кој има за цел да развие и објави сеопфатна анализа за изводливоста, трошоците и социјалните и еколошките влијанија од воведување на бесплатен јавен автобуски превоз во Скопје, Македонија. Анализата ќе се базира на искуства од европската и регионалната пракса и ќе служи како конкретен доказно-базиран инструмент за застапување. Резултатите ќе бидат јавно презентирани, дискутирани и комуницирани преку медиуми и јавни форуми, со цел позиционирање на бесплатниот јавен превоз како реална и политички релевантна опција во националната дебата за мобилност.

Проектот се спроведува од Здружение за одржлив развој и заштита на животната средина Гоу Грин Скопје, во периодот од март до август 2026 година. 

Цел на работните задачи 

Целта на овој повик е ангажирање на двајца експерти кои ќе работат во координација: 

  1. Експерт/ка – аналитичар/ка – ќе спроведе техничка анализа на изводливоста, трошоците и влијанијата (социјални, еколошки и финансиски) од воведување на бесплатен јавен превоз во Скопје, користејќи компаративен преглед на европски и регионални практики. 
  1. Експерт/ка – пишувач/ка –
    ќе ја обликува анализата во пристапен, јасен и аргументиран документ погоден за јавна комуникација, застапување и медиумска презентација.

Опис на работните задачи 

А. Експерт/ка – аналитичар/ка 

Експертот/ката ќе ги има следните задачи и одговорности: 

  1. Да подготви методологија и план за работа со детален опис на изворите на податоци, компаративниот пристап и индикаторите за мерење на влијанијата;
  2. Да спроведе компаративен преглед на европски и регионални практики за бесплатен јавен превоз (најмалку 3–5 примери), со посебен фокус на градови со слична и поголема големина и урбана структура како Скопје (пр. Белград, Талин, Луксембург и Виена, како и други примери од регионот);
  3. Да изврши анализа на изводливоста за Скопје која опфаќа:
    1. Финансиска анализа – преглед на тековните трошоци за јавниот превоз (оперативни трошоци, трошоци за наплата, субвенции), проценка на трошоците за воведување и одржување на бесплатен превоз, можни модели на финансирање (вклучувајќи ги моделот на „надоместок за мобилност“ и францускиот модел versement transport);
    2. Социјални влијанија – анализа на пристапноста на превозот за ранливи групи (невработени, студенти, пензионери, лица со инвалидитет), ефекти врз социјалната вклученост и мобилноста на граѓаните;
    3. Еколошки влијанија – проценка на потенцијалното намалување на емисиите на CO₂ и загадувачките материи, ефекти врз квалитетот на воздухот, промени во модалната распределба во сообраќајот (однос помеѓу јавниот превоз, автомобилите, пешачењето и микромобилните средства);
  4. Да идентификува клучни предизвици и ризици при имплементација, како и препораки за нивно надминување, вклучувајќи ги и искуствата од градовите кои веќе вовеле бесплатен јавен превоз;
  5. Да ги систематизира наодите во технички извештај кој ќе послужи како основа за финалниот документ.

Б. Експерт/ка – пишувач/ка 

Експертот/ката ќе ги има следните задачи и одговорности: 

  1. Да се запознае со техничките наоди подготвени од аналитичарот/ката и да обезбеди нивна конзистентност и точност;
  2. Да ја обликува анализата во јасен, структуриран и аргументиран документ соодветен за широка публика, вклучувајќи ги одлучувачите, медиумите, граѓанските организации и граѓаните;
  3. Да подготви извршно резиме (кратка верзија на анализата, 2–4 страници, максимум 12.000 карактери) за потребите на јавна презентација и медиумско објавување;
  4. Да развие комуникациски материјали (инфографик, клучни пораки, презентација) за поддршка на јавното претставување и дебата;
  5. Да го финализира документот по стекнување на коментари од релевантни засегнати страни (доколку се предвидени).

Очекувани резултати / Продукти 

А. Експерт/ка – аналитичар/ка 

  1. Методологија и план за работа; 
  1. Компаративен преглед на европски и регионални практики (случаи на градови/држави кои вовеле бесплатен или субвенциониран јавен превоз); 
  1. Технички извештај со анализа на изводливоста, трошоците, социјалните и еколошките влијанија за Скопје, вклучувајќи препораки.

Б. Експерт/ка – пишувач/ка 

  1. Финализирана сеопфатна анализа, на македонски јазик, во пристапен формат (документ за јавна употреба – величина на документот по договор, зависно резултатите од анализата, максимум 70.000 карактери);
  1. Извршно резиме (кратка верзија, 2–4 страници, максимум 12.000 карактери); 
  1. Комуникациски материјали (инфографик, презентација, клучни пораки). 

Времетраење на работниот ангажман 

Планирано е работниот ангажман да започне во април 2026 и да трае најдоцна до почетокот на јуни 2026.

Потребни квалификации и искуство на кандидатите 

А. Експерт/ка – аналитичар/ка 

  • Високо образование во областа на економија, урбанистичко планирање, сообраќајно инженерство, јавни политики, животна средина или сродна област;
  • Најмалку 3 години работно искуство во области поврзани со јавен превоз, урбана мобилност, анализа на политики, финансиска анализа или евалуација на влијанија;
  • Докажано искуство во изработка на анализи за изводливост, вклучувајќи финансиски, социјални и еколошки аспекти;
  • Искуство со компаративни анализи на меѓународни практики (европски/регионални);
  • Познавање на англиски јазик (за користење на меѓународни извори);
  • Искуство со јавни политики во локална самоуправа или со граѓански организации ќе се смета за предност.

Б. Експерт/ка – пишувач/ка 

  • Високо образование во областа на новинарство, комуникации, политички науки, право или сродна област;
  • Најмалку 5 години искуство во пишување и уредување на аналитички документи, извештаи, публикации или стратешки документи;
  • Докажано искуство во адаптирање на технички содржини за широка публика (одлучувачи, медиуми, граѓани);
  • Одлични комуникациски вештини и вештини за синтеза на комплексни информации;
  • Искуство во подготовка на комуникациски материјали (инфографици, презентации, клучни пораки);
  • Познавање на англиски јазик ќе се смета за предност.

Напомена: 

Двата експерти/ки мора да бидат независни и без било каков конфликт на интереси. Државните службеници и другиот персонал на јавната администрација не смеат да бидат ангажирани ако претходно не е добиено писмено одобрение од договорниот орган.

Постапка за аплицирање  

Апликацијата треба да содржи: 

  1. Писмо за изразување интерес и достапност (со јасно наведување за која позиција се аплицира – аналитичар/ка или пишувач/ка);
  1. Финансиска понуда во МКД (бруто износ со вклучен персонален данок), со наведен вкупен износ за ангажманот; 
  1. Биографија (CV) со детален опис на релевантното искуство и референци; 
  1. Предложена методологија/пристап: 
  1. За аналитичар/ка – пристап кон анализата (извори на податоци, компаративна рамка, методологија за финансиска, социјална и еколошка анализа);
  1. За пишувач/ка – пристап кон обликување на документот и комуникациските материјали; 

Начин на исплата 

Исплатата на хонорарот ќе се изврши во две (2) транши, врз основа на доставен доказ за реализирани активности и прифатен извештај од страна на работодавачот.  

  1. Првата транша (до 50% од вкупниот износ) ќе биде исплатена по доставување на првиот дел од сработеното (методологија/план за работа и дел од предвидените продукти/анализи), согласно динамиката утврдена во договорот.  
  1. Втората транша (преостанатиот износ) ќе биде исплатена по успешно завршување на сите работни задачи, доставување на финалните продукти и нивно прифаќање од страна на работодавачот. 

Краен рок за аплицирање е 7 април 2026 година. 

Апликациите треба да се достават на:

 е-мајл: info@bidizelen.org, со назнака: „Апликација за експерт [Аналитичар/Пишувач] – публикација бесплатен јавен превоз во Скопје – [Име и презиме на апликант/ка]“ . 

Изборот на експерти ќе се врши врз основа на дефинирани критериуми. Кандидатите кои ќе влезат во потесен круг во процесот на селекција може да бидат интервјуирани. Само успешните апликанти ќе бидат контактирани и известени.   

Напомена:

Двете позиции (аналитичар/ка и пишувач/ка) се одделни. Кандидатите можат да аплицираат за една или за двете позиции, но во случај на аплицирање за двете, потребно е да достават посебни апликации за секоја позиција.