Иницијативата на здружението Гоу Грин – „Поддршка на микро и малите претпријатија за еколошко работење“ на отворениот ден ја презентираше извршниот директор на здружението, Антонио Јовановски. Во својот краток говор, Јовановски истакна дека индустријата има значајно учество во директното загадување на воздухот, а микро и малите претпријатија се доминантни во македонската економија.

„Големата индустрија можеме да ја лоцираме – инспекторатот верувам извршува контроли, но малата индустрија е таа што на некој начин е невидлива, а е носител на македонската економија. Според стратегијата на мали и средни претпријатија 99,8% се мали и средни претпријатија и што ги прави најголеми работодавци.“

Здружението Гоу Грин ја поднесе иницијативата до Владата на РМ во која предложи и финансиска поддршка на микро и малите претрпијатија чија цел е да им се подобрат еколошките практики во нивното работење. Во многу случаи микро и малите претпријатија поради недостаток на финансиски средства користат дрва, јаглен, мазут или други енергенси кои загадуваат (често и отпад). Да се лоцираат и санкционираат малите загадувачи е работа на инспекторатот и исплаќањето на казни во многу случаи може да значи и крај на малиот бизнис, со тоа губење и на вработени лица. Во раната фаза на развојот нивниот приоритет не е заштита на животната средина, туку што помали трошоци.

Извор: Галерија на Влада на Република Македонија (https://vlada.mk/node/16406)

Иницијативата е во контекст на првата компонента од Планот на чист воздух 2019 „Мерки за директно справување со изворите на загадување“. Очекувани резултати би биле број на фирми кои ќе добијат поддршка од планот за чист воздух за воведување поеколошки енергенси и деловни практики кои ќе го намалат загадувањето на воздухот. Како и намалување на корупцијата на релација општина – индустрија, бидејќи ќе се „прочешлаат“ елаборатите за животна средина и издадените еколошки дозволи.

„Ова би било соработка со општините и градот кои што ги издаваат еколошките дозволи и наместо цело време да се казнуваат, може да им се даде период за транзиција кон поеколошко работење. Мерката воедно претставува поддршка за зелената економија и зелените работни места“ – заврши Јовановски.

Според Стратегијата за мали и средни претпријатија (2018) во 2013 година, 53.137, а 91,0% од сите претпријатија во земјата се микро претпријатија. Според Законот за трговски друштва (2004) микро претпријатија се оние кои имаат помалку од 10 вработени и помал обрт од 50 илјади ЕУР бруто годишен приход, а мали претпријатија се оние кои имаат помалку од 50 вработени и помал обрт од 2 милиони ЕУР.

Линк до целиот настан:  https://www.youtube.com/watch?time_continue=4302&v=0Rq0DM5GDHo