Во рамки на Европската недела за одржлива енергија (17-21 јуни), Гоу Грин започна фото-кампања насловена „СОС Сакаме #СтрујаодСонце“ со цел поттикнување на јавен дијалог и информирање на јавноста за важноста од искористување на сончевата енергија од граѓаните и домаќинствата. Кампањата исто така е насочен и кон институциите за да ги охрабрат домаќинствата дакористат сончева енергија за струја со конкретни мерки и неограничување на производството на електрична енергија од истите..

За Европската недела за одржлива енергија

Европската недела за одржлива енергија е клучен европски настан за промовирање на чиста енергија, односно обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Низ цела Европа се организираат активности за подигнување свест и едукација на темите за климатски промени и насоката на енергетскиот систем кон одржливост.

Во нашата земја, „EU Sustainable Energy Week-Macedonia“ се одбележува од 2011 година, од страна на Гоу Грин и секоја година има посебна тема која се промовира и поттикнува јавен дијалог. Оваа година фокус на кампањата е сончевата енергија.

Енергетскиот систем и политики во Република Северна Македонија

Владата на РСМ во мај 2018 година го усвои новиот Закон за енергетика со кој се прави децентрализација на енергетскиот систем. Домаќинствата ќе можат да се јават како производители на електрична енергија и истата да ја користат за нивни сопствени потреби[1], но доколку произведат повеќе тие нема да можат да тргуваат со вишокот електрична енергија.

Стратегијата за енергетика на РСМ е изработена, но се чека да се стави јавно на веб страната на Министерството за економија. Во врска со енергетскиот систем во РСМ, според стратешките документи на Владата, се планира национален гасификационен систем[2], кој во комбинација со хидро, сонце и ветер[3] би требало да ги задоволува енергетските потреби на земјата во иднина.

Со Парискиот договор за клима беше ратификуван во македонското собрание, на 7 ноември 2017 година, земјата и официјално се обврза на 30% намалување на јаглеродниот диоксид до 2030 година. Обединетите Нации и релевантни меѓународни организации се залагаат за поголема амбиција и поамбициозни цели за намалување на јаглеродниот диоксид. Со Стратегијата за енергетика на РСМ ќе се даде стратешка основа за енергетскиот систем и иднина на земјата.

Зошто кампања за сончева енергија?

Сакаме и бараме поголем удел на струја од сонце (СОС) бидејќи моментално струјата во најголем дел ни доаѓа од јаглен, односно само 1% (дури и помалку) доаѓа од сончевата енергија. Република Северна Македонија има огромен потенцијал за искористување на сонцето поради местоположбата и бројот на сончеви денови во текот на годината. Сончевата енергија сеуште главно се користи за топла вода (сончеви термални колектори), а многу помалку за производство за струја (соларни фотоволтаици).

Моментално струјата во најголем дел ни доаѓа од јаглен, односно лигнит (сиромашна форма на јаглен). Во термоелектраните Битола и Осломеј (Кичевско) се произведува околу 70% од вкупната произведена електрична енергија од рудниците за лигнит. Кога се гори јагленот (односно лигнитот) се емитираат загадувачки супстанци како, јаглероден диоксид, метан, сулфур диоксид, ПМ честички, жива и други, кои се штетни за здравјето на луѓето и влијаат врз климатските промени. Термоелектраните Битола и Осломеј сеуште немаат исполнето стандарди за да добијат еколошка дозвола од државата (иако тие се државни фирми) и со тоа овие две термоелектрани се едни од најзагадувачките индустриски капацитети во Европа[4]

Со зголеменото учество на сончевата енергија, ќе го намалиме учеството на јаглен (лигнит) и со тоа ќе придонесеме за почист воздух и ублажување на климатските промени.

За кампањата

Кампањата СОС е примарно водена од младинската мрежа на Биди-Зелен клубови и ги поттикнува младите луѓе да земат учество во фото-кампањата и преку социјалните медиуми да достигнат до повеќе млади. Ако сакате да се приклучите и/или придонесете кон кампањата може да нè контактирате на gogreen@bidizelen.org

Развојот намрежата на Биди-Зелен клубови во средните училишта е поддржана од Град Скопје и германската фондација Хајнрих Бол Штифтунг.

————————————————————————————-

[1] Влада на РСМ, „Со новиот Закон за енергетика ја отворивме можноста домаќинствата и компаниите да инсталираат фотоволтаични централи“ https://vlada.mk/node/15119

[2] Влада на РСМ, Ревирана фискална стратегија 2019-2021, Страна 16

[3] Влада на РСМ, Програма за економски реформи, Страна 9

[4] Имено, 7 од 10-те најзагадувачки термоелектрани се во земјите од Западен Балкан – линк до статија