
Резултати од акциите на национално ниво
Здружението Гоу Грин го организираше „Светскиот ден на чистење“ во нашата земја, кој се одржа на 15 септември во 158 земји во светот. Според проценките, во Македонија се приклучија 985 волонтери кои чистеа на 49 локации од 32 општини и беше собран околу 7 тони отпад. Здружението Гоу Грин учествуваше во организирање на настаните заедно со 40 училишта, 6 општини, 2 невладини организации, една самоиницијативна група од граѓани. Акцијата беше поддржана од Министерство за животна средина и просторно планирање на Република Македонија.
Акциите беа поддржани и од Јавното Комунално Претпријатие и претставништвото на една фирма. Целосната листа на организатори можете да ја видите на овој линк (ПДФ табела) а фотографиите од акциите можете да ги погледнете на овој линк.
Фото: Акција за собирање на отпад во О. Струга – тимот на Здружение Аква
Резултати од акциите на глобално ниво
Според извештаите доставени од државите низ светот, акции по повод Светскиот ден на чистење во 2018 година се одржале во 158 држави и територии, со вкупно 15 милиони волонтери кои се приклучиле на најголемиот настан за собирање на отпад во историјата на човештвото. Зелениот бран на акции започна утрото на 15 септември на Фиџи – држава во Тихиот Океан, а и покрај непогодните околности во некои делови од светот успешно заврши во Источна Самоа. Поради пречки поврзани со временските услови и политичките предизвици, акциите за собирање на отпадот беа одложени во држави како Доминиканската Република, Гватемала, Чиле и други. Повеќе информации и подетални резултати се истакнати на овој линк.
Оваа акција е воедно и добитник на награда од УНЕСКО во категоријата „Образование за одржлив развој“! Овогодинешните победници биле одбрани од 87 номинации од страна на независно интернацонално жири, а клучните показатели за успешност биле: опфатноста на трите сегменти на одржливоста (економијата, општеството и животната средина), иновативноста и потенцијалот за трансформација на проектот.
“Со цел вистински да се реши глобалната криза на управување со отпад, потребни ни се јасни чекори и посветеност од сите засегнати страни” препорачува Ева Трууверк, раководител на управниот одбор на Let’s Do It! фондацијата. Прочитајте повеќе за признанието од УНЕСКО на овој линк.
Следни чекори
Во изминатиов период, група на реномирани истражувачи и експерти подготвуваа план составен од насоки и препорачани активности за справување со глобалната криза на несоодветно управување со отпад т.н. „Keep it Clean Plan“ (https://www.worldcleanupday.org/future/). Планот е наменет за општините, компаниите, владите, граѓаните и невладините организации од кои се очекува да имплементираат конкретни чекори за справување со глобалната криза на несоодветното управување со отпад. Со овој план треба да се предизвика промена во сектори поврзани со управување со отпад, да се оптимизира управувањето со ресурсите и истовремено да се поттикне економски развој и отворање на нови работни места.
Понатамошните чекори за соработка, базирани на „Keep it Clean“ планот, ќе бидат дискутирани за време на осмото издание на конференцијата „Clean World Conference“ во Талин, Естонија (24-27 јануари 2019). На конференцијата ќе се дискутираат овогодинешните резултати од акциите и кампањата како и стратегии за наредниот период.
Let’s Do It! World е најбрзорастечкото граѓанско движење во светот, кое ги поврзува и охрабрува граѓаните, општините, компаниите и владите да ги исчистат своите земји од несоодветно управуваниот отпад. Светскиот ден на чистење беше поттикнат од граѓанското движење Let’s do it! World кое иницира акции за собирање на отпад во изминативе десетина години низ 113 држави во кои се имаат вклучено повеќе од 35 милиони волонтери. Let’s do it! World исто така претставува движење за мир и соработка бидејќи во многу региони успешно соединува различни култури и групи, резултирајќи не само со почиста животна средина туку и со вистинска соработка и разбирање меѓу поединците. Ова движење е започнато во Естонија во 2008 година, кога 50 илјади граѓани волонтерски ја „исчистија“ државата за само 5 часови. Оваа голема акција за собирање на отпад била организирана со апликација за мапирање на точки со отпад користејќи паметен телефон, со чија помош биле лоцирани околу 10 илјади точки со несоодветно отстранет отпад. Како резултат, биле собрани повеќе од 10 илјади тони отпад од јавните површини и воопшто околината.
Здружението Гоу Грин продолжува во насока на активирање на граѓански дух за почиста животна средина и јакнење на свеста за одговорно однесување кон животната средина. Стратегиските приоритети на Гоу Грин се во насока на активизам, образование и вработување. Затоа здружението се залага за вклучување на неформалните собирачи на отпад во организиран систем на национално ниво кој ќе овозможи социјално згрижување и безбедност за таа категорија граѓани и ќе го унапреди управувањето со отпад во Република Македонија.