
Секоја година над 2000 градови во светот ја одбележуваат Европската недела на мобилност, ставајќи акцент на одржливите превозни средства и на поволностите на граѓаните од еден вело, car-free, одржлив град.
Оваа година Гоу Грин ја одбележа неделата со неколку активности. По трети пат се одржа конференцијата Bike & Learn во која беа вклучени средношколци од четири училишта од Град Скопје: СУГС “Раде Јовчевски Корчагин и СЕПУГС “Васил Антевски Дрен”, СГГУ “Здравко Цветковски” и СУГС “Oрце Николов”, потоа герила акција на која младите со пароли ги потсетија учесниците во сообраќајот во ударните часови да одберат одржлив транспорт и најпосле волонтерите ги напишаа своите пораки за Рекорд да стане пешачка зона.
За време на мобилната конференцијата Bike & Learn, средношколците ги анкетираа нивните соученици за превозните средства кои ги користат за училиште. Се наградуваа и оние кои дошле со велосипед. Сите средношколци ги посетија и останатите средни училишта со велосипед и имаа можност да го искусат возењето на велосипед низ градот.
Иако “Европската недела на мобилност” е само неколку дена во годината и е одбележана со голем број на активности од Град Скопје и невладините организации, во остатокот од годината Скопје продолжува да биде град на автомобили и слабо развиена сообраќајна култура. Според ”Студијата за развој на сообраќајниот систем на Град Скопје” (линк) во Скопје дневно се случуваат 1.100.000 патувања, од кои 64% се направени со автомобили и јавен превоз, 35% се пеш и ниски 1,4% со велосипед. Затоа активностите за зголемување на свеста кај граѓаните се од исклучителна важност.
Заклучоците од активностите се следни:
Од процесот на анкетирање се заклучи дека:
- Учениците од гимназиите како: СУГС Раде Јовчевски Корчагин и СУГС Орце Николов користат велосипеди во поголема мера како превоз до училиште, поради пристап до училиштата со велосипедски патеки и поголема безбедност
- Ситуацијата е различна во стручните училишта како СЕПУГС “Васил Антевски Дрен” и СГГУ “Здравко Цветковски” каде поради причини како лоша поврзаност со велосипедска патеки или чувството на небезбедноста ги обесхрабруваат учениците да го користат велосипедот
Од велосипедското искуство на средношколците, пак се изведоа заклучоците:
- Скопје нема развиена и добро поврзана велосипедска инфраструктура што го отежнува возењето со велосипед
- Свеста на граѓаните за употребата на тротоарите и велосипедските патеки е на многу ниско ниво, па најчесто се среќаваме со паркирани возила на тротоари и слаба сообраќајна култура кај пешаците и велосипедистите
- Јавниот превоз е значително подобрен во последните неколку години, меѓутоа автобусите се уште заглавуваат во сообраќаен метеж во ударните часови
- Градењето на булевари и коридори им посочува на граѓаните дека употребата на возила е во ред и им дава простор за нивна поголема употреба
Сите овие заклучоци не водат кон фактот дека транспорот ќе придонесе Скопје повторно да биде град во магла, а со намалувањето на температурите можеме повторно да очекуваме дека се поголем број на граѓани ќе ги користат своите автомобили како превозно средство што ќе придонесе за поголеми метежи и поголемо загадување.
Нашиот став е дека Скопје мора да стане одржлив град во кој свеста на граѓаните за употреба на јавен превоз, велосипед или воз (во иднина градски воз) е развиена. Особено не охрабрува што Град Скопје за време на Европската недела на одржлив транспорт иницираше и поттикна комбинирање на железничкиот транспорт со велосипедизам. (линк до официјалното соопштение)
Свеста за користење на одржливи превозни средства посебно кај помладите генерации особено се зголемува, а тоа го покажуваат и резултатите од ваквите активности во кои најголемо учество земаат токму тие.
Потребно е да се работи на обезбедување на безбедно движење низ сообраќајот, но и мотивација за промена која треба да дојде и од останатите генерации кои некако се’ уште остануваат скептични и се уште се држат до автомобилите. Автомобилите продолжуваат, за жал, да бидат фокус и на граѓаните и на властите. Иако секоја година се одржува Car-Free ден, сепак тоа е само на неколкучаса и ги охрабруваме градските власти да направат целосен ден без автомобили за сите да ги почуствуваме бенефитите на почисто и многу потивко Скопје.