По успешната прва средба на работната група за “Зелени работни места”, втората се одржа во просториите на Свис Контакт на 14ти декември 2017. На оваа средба се дискутираа клучните точки од минатиот состанок, се разгледуваше предлог мерката до Министерство за труд и социјална политика за оперативен план и концепт нотата од проект поднесен до УСАИД.

Дел од поважните точки кои се дискутираа беа следните :

  • Неформална економија во градежниот сектор: Значителен е бројот на работници кои не се регулирани. Препорака за домашните работници е тие да се пријават како самостојни занаетчии во занаетчиска комора, а за странските работници да се воведе систем на ваучери;
  • Социјално осигурување: Со цел работниците да се поттикнат да се регистрираат и да не се плашат дека ќе го изгубат социјалното осигурување се дискутираа предлози за воведување на соодветни пакети за социјално и здравствено осигурување кои би се менувале во зависност од вработувањето
  • Работници и работнички права: Се изведе заклучокот дека платите во државата треба да се регулираат со колективни договори, или уште подобро по коефициент на сложеност на работа.
  • Образование: Во однос на средното стручно училиште се констатира дека учениците по завршување на средното не се спремни да одат на градилиште со своето знаење од средното училиште. Се испрати препорака до стопанските комори поактивно да се вклучат во овозможување на учениците да одат во фирми на пракса.
  • Модуларен систем на образование: Се заклучи дека воведување на модуларен систем на образованеи за средните стручни училишта е најсоодветен начин за зголемен квалитет на работната сила и поттикнување на поактивна соработка меѓу приватниот сектор и образовните институции.

На работната група се дискутираше и мерката за „квалификации за зелени работни места“ која би била дел од оперативниот план за активни мерки за вработување на Агенцијата за вработување на РМ. Оваа мерка е наменета за реализација на обуки за невработените лица за занимања во секторот на енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и управување со отпад.

Преставници од следните организации, институции и комори беа дел од состанокот: Здружение “Гоу Грин”, Сојуз на синдикати на Македонија, Тренинг центар „Крафт Мастер“, Програма за пазарна вработливост ИМЕ – Свис контакт, СГГУ„Здравко Цветковски“, Здружение за градежништво при Стопанска комора на Македонија.