Еколошката младинска организација Гоу Грин ја организираше кампањата “Без пластика на пазарот” на Зелениот пазар и на пазарот Буњаковец во Скопје, со цел да се подигне свеста кај граѓаните за негативните ефекти од секојдневната употреба на пластика и нејзиното влијание врз здравјето на луѓето. Со несоодветен систем за управување со отпад, тие завршуваат на депонии кои во многу случаи се запалуваат. Поради илјадниците пластични ќеси кои се користат, депониите се еден од најголемите загадувачи на воздухот и почвата, но исто така и причина за смрт кај многу животни.

 

За време на акцијата беа дистрибуирани повеќе од 100 платнени торби за купувачи, со цел да се поттикне исфрлање на употреба на пластиката и пластични ќеси. Платените торби се одлична замена за пластика, тие се издржливи и што е најважно – можат повеќе пати да се користат, па наредниот пат кога пазариме не би требало да купиме нова ќеса.

 

Една од мерките (за намалена употреба на пластика) што се користи насекаде во светот е наплаќање на пластичните ќеси во продавници, супермаркети и пазари. Воведувањето на наплата на пластични ќеси во Англија придонесе за намалување на нивната употреба од 7 милиони на 500 илјади годишно. [1]

 

Гоу Грин ќе продолжи да влијае врз подигнувањето на свеста за штетноста на пластичните ќеси и ќе ги поддржи сите мерки кои ќе ја намалат нивната употреба. Оваа акција е дел од активностите кои Гоу Грин ги организира по повод Европската недела за намалување на отпад (20-26 ноември 2017г.).

 

Вкупниот број на пластични кеси произведени годишно во светот изнесува 1 билион, или 2 милиони во минута.

 

Просечното семејство користи дури до 600 ќеси годишно. Веројатно и вие сте дел од голем број луѓе кои постојано земаат многу пластични ќеси за секој мал производ, а потоа завршуваат со вреќа со многу помали производи завиткани во ќеси. Најчесто не сме свесни дека всушност овие ќеси ќе бидат распаднати дури по 1000 години. Всушност, првите произведени кеси сè уште не се ни блиску до распаѓање, а ние продолжуваме да произведуваме повеќе.

 

Иако постојат пластични кеси кои се биоразградливи, тие речиси никогаш не се рециклираат. Тие обично завршуваат на депонии каде што се горат, и при тоа ослободуваат отровни гасови или завршуваат во почвата, што подоцна ги загадува сите организми кои живеат таму. Најчесто, пластиката го продолжува својот живот во вид на помали парчиња кои се движат низ просторот. Нивното ширење во околината често завршува во океаните и морињата, што придонесува за смртта на повеќе од 100 илјади делфини, желки, морски птици и китови. Дури и кога животното умира (од пластиката) и неговото тело се распаѓа, пластиката не се распаѓа и продолжува да загадува.

 

[1] https://www.theguardian.com/environment/2016/jul/30/england-plastic-bag-usage-drops-85-per-cent-since-5p-charged-introduced