Курсот за климатска дипломатија се одржа мината недела на кој учествуваа 20 млади амбасадори за климатски промени. Тие ги споделија своите впечатоци од курсот:

Ева Стојчевска Најмногу впечаток ми остави делот каде што направивме симулација на како би изгледале преговори помеѓу различни засегнати страни. Би сакала да споделам дека со овој курс ми стана уште појасно колку е важна климатската диполоматија, се со цел подобро утре.

Ненад Бојковски Не постои една работа која што можам да ај издвојам, но ќе кажам дека симулацијата ми беше доста интересна затоа што тоа беше на некој начин да видиме како се преговара и лобира, што за мене тоа е доста интересно.

Васил Ханџиски Најголем впечаток ми оставија различните конвенции и протоколи што постојат на тема климатски промени. Нешто што ќе ми остане врежано во меморија е дека сме влезени во антропогена ера, односно каде човекот почнува значајно да влијае врз климатските промени. На другите би им кажал да останат мотивирани и да не се обесхрабрат затоа што со голем труд може да се реализира секоја цел.

Ева Стојанова Овој курс за мене претставуваше одлична шанса за продлабочување на знаењата од областа климатска дипломатија и истиот ми зададе големо искуство во водењето преговори со цел подобрување на еколошката слика на нашето општество.

Матеа Шошкиќ Ми се допадна совесноста на сите учесници и големиот ентузијазам генерално за подобра иднина.

Леонита Зенели Многу сум среќна што бев дел од онлајн курсот. Најмногу впечаток ми остави тоа што научивме многу интересни работи. Запамтив повеќе работи кои ќе ги споделам со моите другарки и другари .

Ева Ристиќ Големо задоволство ми беше да бидам дел од една програма каква што е Go Green. Многу сум благодарна што бев избрана за млада амбасадорка и што ја добив шансата да ги претставувам сите мои врсници и соученици. Уживав во дружењето и запознавањето на нови пријатели, но исто така уживав и во сите нови информации што ги добив и научив. Интересно беше бидејќи имаше постојана дискусија помеѓу повеќе луѓе и не беше само монолог од една личност. А уште поинтересно ми беше тоа што воочив како политиката и климата можат да се поврзат.

Ангела Бушеска Како вљубеник во науката, огромен впечаток ми остави начинот на размислување од светските лидери. Успеав да ги добијам импресиите како се носат големите одлуки и како јас можам да го имам мојот збор во преговорите. Би сакала да споделам дека секој човек, без разлика на својата возраст и позиција има глас и можност да биде дел од борбата за подобро утре.

Борјан Гаговски Иако можеби очекував да ми е тоа најдосаден дел, дискусијата општо околу дипломатијата и досегашните достизи во меѓународните договори ми остави најмногу впечаток. Бев запознаен со голем дел од работите дискутирани од научниот дел и знаев најопшто за некои од протоколите, но убаво ми беше што беше концизно срочено историјатот на најбитните договори и протоколи. Можеби општо ќе запамтам најмногу некои од заштраувачките факти споделени за тоа колку има нееднаквост во тоа кој колку загадува. А најмногу би споделил со други коолку беше забавно и уникатна симулацијата.

Станиша Станковиќ Најголем впечаток ми остави заложбата на секоја од државите во својот домен. Свесни сме дека мораме сите заедно да дадеме свој придонес за подобри климатски промени!

Сара Левиќ Најмногу ми остави впечаток тоа што за прашањето на климатски промени, доста информирани луѓе се залагаат за Македонија и тоа ме прави горда. Секако, прекрасен тим и многу интересни информации со кои во други услови не би се запознале. Би сакала да споделам голем дел од информациите за кои сега слушнав , бидејќи се многу битни за секого.

Елена Фодулова Дефинитивно најмногу впечаток ми остави климатската правда и пробната симулација. Навистина интересно искуство – препорачувам на младите како нас да се вклучат во вакви дадени проекти, бидејќи се исполнети и со информации и со забава.

Јелена Ѓошиќ Курсот беше многу едукативен. Научив многу работи за климатските промени, од што се предизвикани и кои мерки може да се превземат за ублажување и прилагодување. Најголем впечаток ми остави сесијата за климатска дипломатија, особено симулацијата. На таа сесија научив нешто повеќе за договорите кои се постигнати и конференциите кои се одржани со цел намалување на климатските промени. Стекнав нови пријатели со кои го делам мислењето и заедно се залагаме за подобра животна средина. Многу убаво и интересно го поминав времето заедно со останатите делегати.

Маја Мишевска Најголем впечаток ми остави симулацијата и тоа што можев да дознаам повеќе за NDC за нашата како и за другите држави. Меѓу работите кои ми останаа во сеќавање е временската линија од Конвенцијата за климатски промени во Рио до Парискиот договор. Нешто што сакам да споделам е дека иако секој како индивидуа треба да земе активно учевство во спречувањето на климатски промени, само 52% од јаглеродните емисии се предизвикани од 10% од популацијата, а тоа се најбогатите.

***************

Проектот Млади амбасадори за климатски промени е финансиран од Владата на Обединето Кралство, со поддршка на Британската амбасада Скопје.