
Како што веќе споменав во мојот последен пост, јас пораснав во малку поинакво село во Германија. Но, зошто е толку посебно? Зошто „Еко-село“? Дали е тоа само уникатен проект или е и иден можен начин на живеење?
Па, тоа е она што сакам да го споделам со вас во мал блог во текот на следните неколку месеци!
Селото, кое се нарекува „Sieben Linden“, денес има околу 150 жители (105 возрасни и 45 деца) сместени во 13 згради и неколку куќи. Она што ви се чини како мало село е всушност резултат на 24 години напорна работа и високи амбиции.
Во 1997 година, Зибен Линден не беше ништо повеќе од една стара уништена фарма, кога група пионери ја откупија земјата и започнаа нешто големо. Нивната идеја: да се изгради село, што ќе овозможи што е можно подобар начин на живот за заштеда на ресурси.
Зибен Линден се базира на „5-те димензии на одржливост“, кои се:
- Еколошки начини на живеење и градење. Ова е секако главната цел на селото. Начините на кои се спроведува ова во Зибен Линден е темата за која ќе разговараме во следните неколку недели. 🙂
- Социјална кохезија и разновидност. Зибен Линден претставува заедница, многу работи се споделуваат, како: куќи / станови, заеднички автомобили, поделба на храна, централен комплекс за сите и многу други работи. Овој начин на заедничко живеење бара многу толеранција, трпеливост и еднаквост за сите.
- Економска еднаквост и солидарност. Селото нуди алтернативен модел на капитализмот. Тоа значи дека се обидува да ги избалансира платите за секој вид работа. Исто така, децата се финансиски поддржани и израснати од заедницата, што го прави селото доста погодно за семејствата.
- Заеднички визии во уметноста, културата и комуникацијата. Ова е важен дел од живеењето во заедница. Културните настани и особено добрата комуникација овозможуваат одлични меѓучовечки односи и заемна доверба, што е од сушествено значење за мирно решавање на проблеми и конструктивно размислување кон иднината.
- Холистички светоглед. Живеењето во Зибен Линден ве прави да се чуствувате како да сте во стаклено ѕвоно. При ваквото мирно и заштитено опкружување секогаш постои опасност да се заборави и застрани од вистинското значење на проектот. Да се има „холистички поглед на светот“ значи да не заборави дека еко-селото претставува пилот-проект, чија цел е да му покаже на светот дека животот може да биде и прекрасен и удобен, истовремено заштитувајќи ја нашата планета од климатски промени.
Како што можете да видите, приоритети во селото се заедницата, споделувањето и помагањето. Без нив, остварувањето на овие соништа не би било можно. Оваа кохезија е една од најдобрите работи во врска со Зибен Линден, иако некогаш знае да биде навистина исцрпувачки.
Секоја работа треба да се дискутира и да се изгласа. За секое прашање има повеќе мислења. Но, вака функционира вистинската демократија. Никогаш не е лесно. Понекогаш е потребно да се биде силен и упорен. Но, на крајот тоа е единствениот начин на кој луѓето можат да живеат заедно во мир и еднаквост.